Денеска, на денот на одбележувањето на 111 години од смртта на најистакнатиот македонски револуционер, во просториите на Собранието на Република Македонија, беше врачена државната награда „Гоце Делчев”, со која се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката, кои се од интерес на државата.
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој присуствуваше на свечениот настан, изрази задоволство од фактот што Комисијата во рамки на Министерството за образование и наука, предводена од академик Камбовски, која што ги утврдувала сите трудови за постигнувањата во науката, денеска ќе ги додели трите признанија на носителите на државната награда и тоа во областа на здравството, во општествените науки и во областа на технолошко-техничките науки.
„За мене тоа претставува дополнителна потврда како министер за образование, во интерес на државата, дека науката е оној двигател кој што може да го обезбеди целокупниот раст и развој на Македонија во следниот период, со особен фокус на развојот на научно-истражувачките дејности во делот на иновациите“ – изјави министерот Ристовски за медиумите.
На годинашните добитници, ова високо општествено признание за истакнати научни работници им го врачи претседателот на Одборот за доделување на наградата и претседател на МАНУ, академик Владо Камбовск.
Тој во своето обраќање им го честиташе високото признание на добитниците и истакна дека највисоката државна награда за научно дело го носи името на Гоце Делчев, како признание дека неговата идеја за културната и свесната акција како најсилна движечка енергија претставува трајна заложба на македонската современост. Наградата, рече тој, е и синоним на стремежот на севкупниот општествен научен и културен развој да се потпира врз сопствени сили и знаења, давајќи поттик на домашната наука да се фати во костец со предизвиците на иднината.
„Република Македонија стои пред вториот најголем предизвик од нејзиното осамостојување и независност од 1991 година – да се интегрира во европскиот простор на знаење, образование, наука и истражување и економски развој, кои се доминантна цивилизациска одлика на современото општество“ – истакна академик Камбовски.
Од вкупно 12 научни трудови кои пристигнале на Конкурсот за државната награда „Гоце Делчев“ за 2013 година, избрани се: „Македонија туристички бисер – туристички потенцијали и културно-историски знаменитости“ од авторите Тодор Чепреганов, Ратомир Гроздановски, Благоја Марковски и Дејан Николовски; „Learning and Ressoning in Cognitive Radio Networks“, од професорите Лилјана Гавриловска и Владимир Атанасовски; и трудот „Медицинска генетика“ од д-р Мирјана Кочова, Гордана Илиева, Елена Шокарова Ангеловска, Светлана Кочева и Виолета Атанасовска.
„Да се напише научен труд, кој ќе биде меѓународно препознаен е тешка и многу ентузијастичка работа, која бара многу услови да бидат исполнети. Најпрвин полето на авторот во кое што работи, сознанијата во меѓународно објавената литература, неговата оригиналност и истрајност, но исто така и многу услови во средината во која работи – институцијата во која работи, академската сфера, тимот со кој соработува и особено поддршката од семејството“– истакна д-р Мирјана Кочова, која се обрати во име на добитниците на престижната награда.
Наградата се состои во паричен дел од пет просечни плати по награден труд и статуетка со ликот на Гоце Делчев, која годинава прв пат се доделува.