Продолжува селекцијата на пријавените кандидати за пилоти во МВР

Пријавените кандидати по конкурсот за прием на пилоти за потребите на хеликоптерската единица при МВР, во изминатиот период ги финишираа тестирањата за познавање на англискиот јазик, како и селекцијата, односно утврдувањето на здравствена способност на кандидатите според критериум за полициски службеник.

Така, по завршувањето на тестовите за познавање на англискиот јазик од вкупно тестираните 298 кандидати, тестирањето го минаа 214 кандидати (од кои 102 со високо и 112 со средно образование). Според половата структура овој тест го минаа 182 кандидати од машки пол и 28 кандидати од женски пол.

По однос, пак на завршената селекција за утврдување на здравствена способност на кандидатите според критериумите за полициски службеник од 214 кандидати, селекцијата успешно ја минаа 198 кандидати. 

Во наредниот период процесот на селекција продолжува со фазата селекција на земја (Ground screening) која што ќе се изведува од страна на експерти од “Елбит Системи“ од Израел, во Центарот за обука на пилоти на аеродромот Александар Велики.

Инаку како што претходно МВР ја информираше јавноста на конкурсот за прием на 12 извршители (пилоти) со и без работно искуство којшто беше објавен на почетокот на годинава се пријавија вкупно 466 кандидати, по што се започна со ригорозната селекција преку фазата на административно тестирање и проверката на моторичките способности на пријавените кандидати.