Презентирана Нацрт верзијата на првиот Водич за исхрана на населението

Нацрт верзијата на првиот Водич за исхрана на населението во Република Македонија денеска на прес-конференција ја презентираше министерот за здравство Никола Тодоров.  Водичот ги содржи основните и најважни препораки за исхрана со цел промоција на подобро здравје, како и предупредувања за ризиците поврзани со консумирање определена храна.

Тодоров истакна дека Водичот за исхрана претставува базичен документ, кој првпат е изготвен во таква форма и денеска е објавен и на веб страницата на Министерството како драфт документ за јавна расправа, со можност да се дополнува и надградува со искуства и ставови од стручната јавност, невладиниот сектор и граѓаните, кои имаат можност да придонесат за зголемување на здравствените придобивки на населението. Крајната интенција, како што рече, е за десетина дена да имаме финален Водич.

„Со Водичот нашата земја се вбројува меѓу земјите од ЕУ и најголем број развиени земји во светот, кои веќе имаат изготвено вакви препораки за исхрана и јавно здравје, а при неговото изготвување се следени искуствата на Германија, Холандија, САД, Франција и други земји. Во него се содржани препораки базирани на докази присутни во науката за исхрана и јавното здравје, со цел подобрување на здравјето на општата популација, како и здравјето на идните генерации, преку промоција на навики за здрава исхрана и физичка активност“, рече Тодоров.

Посочи дека препораките во Водичот се наменети за здрави лица, на возраст над 2 години. Нашата популација, нагласи министерот, се соочува со зголемени здравствени ризици соодветни за најголем број земји со таканаречен „западен“ стил на живот, каде главно здравствените ризици се поврзани со хроничните незаразни болести.

„Насоките во Водичот се корисни и за луѓето кои имаат зголемен ризик од хронични болести. Несоодветната исхрана и слабата физичка активност се најважните фактори кои придонесуваат за епидемијата на зголемена телесна тежина и дебелина во светот. Тие проблеми се се повеќе присутни и кај популацијата во Македонија. Бројките покажуваат дека 60,5 отсто од мажите и 47,8 отсто од жените на возраст над 20 години имаат зголемена телесна тежина, а околу  20 отсто од возрасните се со различен или повисок степен на дебелина“, истакна Тодоров.

Тој укажа дека една третина од децата на возраст од 6 до 7 години во Македонија се со зголемена телесна тежина, а 13 отсто се сметаат за дебели и додаде дека научните докази сугерираат дека децата кои рано прифатиле навики на соодветна исхрана, во подоцнежниот живот имаат намален ризик од појава на зголемена телесна тежина, дебелина и други ризик фактори.

Лошата исхрана и физичката неактивност, освен со зголемена тежина, како што рече, се поврзани и со најголемите ризици за морбидитет и морталитет на населението, во кои се вбројуваат кардиоваскулерните болести, хипертензијата, дијабетот тип 2, остеопорозата и некои типови на рак.

Појасни дека првото поглавје во Водичот се однесува на – одржување соодветна телесна тежина каде се опфатени повеќе аспекти како што се – влијание на околината-важноста од одржувањето на здрава телесна тежина кај општата популација, како и кај определени субгрупи во популацијата.

Во водичот има посебни поглавја за храна чиј што внес треба да се зголеми, односно намали. Во однос на храната што треба да се фаворизира, во водичот се посветува внимание на придобивките од консумацијата на овошјето, зеленчукот, интегралните жита, млекото и млечните производи, рибата, посното месо и живина, јајцата, легуминозите (грав, грашок), јаткасти плодови и семиња, калиум, калциум, железо, фолна киселина“, потенцира Тодоров. 

Тој рече дека во однос на храната која треба да се избегнува, се зборува за карактеристиките и влијанието врз здравјето од неприкладниот внес на натриум, заситени масти, транс масни киселини, додадени шеќери и рафинирани жита и алхохол, како и детални информации за штетноста на сите нив поеднинечно.

„Како до здрави навики во исхраната е наредното поглавје кое е опфатено во Водичот и во него е опишано дека постојат значајни докази од истражувања поврзани со составот на групите на прехранбени производи вклучени во определени начини на исхрана кои се создадени за клинички истражувања, како на пример DASH (Dietary approaches to stop hypertension) начинот на исхрана или пак при традиционалните начини на исхрана, како на пример т.н. Медитеранска диета“, истакна Тодоров.

Додаде дека насоките во Водичот, во чие последно поглавје е опфатена темата „Како до поздраво живеење“, се базирани на прифатените научни сознанија од најрелевантните европски и светски центри кои се занимаваат со науката за исхрана, кои претставуваат основа за правилна исхрана на населението, како и корисна алатка за здравствените професионалци кои ќе можат врз база на овој Водич да ги базираат индивидуалните препораки за своите пациенти.

Игор Спировски од Институтот за јавно здравје рече дека првпат се донесува ваков документ во државата.

„Средината кај нас форсира луѓето да се дебелеат. Брза храна достапна насекаде, храната што се рекламира е нутритивно слаба, а калориски богата. Сите тие параметри можат да доведат до тоа луѓето да имаат степен на дебелина, а ризиците се појава на болест пред да се очекува да се појави. Очекуваме дека 80 проценти од луѓето на 65-70 години ќе имаат некакви кардиоваскуларни проблеми, но не очекуваме дека треба да ги имаат луѓето од 25-30 години. Целта е тоа да се спречи“, рече Спировски.

Додаде дека со здрав начин на исхрана и прифатени здрави животни навики луѓето може да го одложат појавувањето на некои болести.