Спектакуларно отворена спортската манифестација „Гимназијада 2014“

На спортскиот стадион „Билјанини извори“ Охрид, вечерва свечено беше отворена деветтата спортска „Гимназијада“, која е најголемиот спортски собир на средношколците во Република Македонија. 

На настанот, кој за прв пат се одржува во нашиот град продефелираа повеќе од 1000 ученици-учесници, а  се натпреваруваат во екипните спортови голем и мал фудбал, кошарка, ракомет, одбојка и атлетика.

На „Гимназијадaта“ учествуваат 60 средношколски екипи од сите три региони во државата кои во следните три дена имаат можост и да се дружат и да спортуваат.

Пред присутните на стадионот „Билјанини извори“ се обрати директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.

Најуспешните и најистакнатите учесници ќе бидат наградени со учество на летни кампови во времетраење од седум дена, кои ќе бидат организирани по завршувањето на натпреварите. На крајот од прославата на стадионот „Билјанини извори“ имаше огномет.

Спортската манифестација „Гимназијада“ ќе трае до 10 мај-сабота.

Покровители на Гимназијадата Охрид 2014 се Министерството за образование и наука, Агенцијата за спорт и млади и Локална самоуправа Охрид, додека организатори на манифестацијата се Федерација на училишен спорт на Македонија и Сојуз на училишен спорт – Охрид.


WebOhrid