Под мотото „Знам да спасам живот“ утре ќе се одржи општинскиот натпревар по прва помош

Несреќите се случуваат секојдневно и насекаде: во домот, на улица, на училиште, на работно место, на игралиште, во природа и каде ли уште не. Во таквите ситуации правилното укажување прва помош значи спасување човечки живот. 

Во рамките на своите активности во делот на првата помош Црвен крст Охрид утре,11 мај (недела) со почеток во 9:15 ч.-квалификации и 12:30 ч.-финале, под мотото „ЗНАМ ДА СПАСАМ ЖИВОТ”, ќе го организира традиционалниот, 43-ти по ред, Општински натпревар по прва помош. На натпреварот, стекнатите знаења и техники за укажување на прва медицинска помош ќе ги покажат повеќе од 300 ученици-натпреварувачи од сите основни и средни училишта од Охрид и Дебарца, организирани во  екипи во категорија подмладок и категорија младина. 

И оваа година на општинскиот натпревар ќе се применуваат критериуми и стандарди кои се спроведуваат при одржување на европските натпревари по прва помош. Во таа насока натпреварувачите, но и посетителите на оваа манифестација на повеќе пунктови низ градот Охрид, почнувајќи од плоштадот Св.Климент Охридски, продолжувајќи по градскиот Кеј, до СРЦ „Билјанини Извори”, ќе бидат сведоци на симулирани-реални случки на несреќи, изведени од членовите на актерските групи од Охрид, како и реалистички приказ на повреди, подготвени од посебно обучени шминкери за ПП на Црвен крст Охрид. За регуларноста и оценувањето на натпреварувачите ќе се грижат 18 лиценцирани судии за прва помош на Црвен крст Охрид.

Присутните наши сограѓни ќе имаат можност да видат и доколку сакаат, научат како правилно се укажува прва помош и да добијат бесплатни совети од инструкторите за прва помош.