Големи продукции и познати режисерски имиња ќе гостуваат на првиот Меѓународен театарски фестивал – МНТ, чиј домаќин ќе биде Македонскиот народен театар. Фестивалот ќе се одржува од 25 мај до 5 јуни. Идејата да се создаде е од пред две години, со цел МНТ да биде театарски центар на кој секоја година ќе се претставуваат национални театри.
На првото фестивалско издание ќе учествуваат националните театарски куќи на Хрватска, Црна Гора, Србија, Бугарија, Грузија и од Азербејџан, и Театарот „Глоуб“ од Лондон на великанот на светската драматургија Шекспир.
На 25 мај фестивалот ќе биде отворен со „Како што милувате“ во режија на Леван Цуладзе на Државниот театар „Коте Марџијанишвили“ од Тбилиси, на 27 мај Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија ќе ја изведе „Лет над кукавичкото гнездо“ на познатиот режисер Александар Морфов, Националниот театар од Азербејџан ќе се претстави на 28 мај со „Мене…нас…“ во режија на Гунер Сатај, на 29-ти Црногороско народно позориште ќе ја изведе „Everyman Dzilas“ на режисерката Радмила Војводиќ, „Медеја“ на Томаж Пандур во изведба на Хрватско народно казалиште ќе гостува на 31 мај, Народно позориште од Белград на 3 јуни доаѓа со „Народен пратеник“ на режисерот Саша Габриќ, а театарскиот бренд „Глоуб“ од Лондон на 5 јуни ќе има две изведби на „Хамлет“ (од 16 и од 20 часот) во режија на Доминик Дромгул и Бил Бакхарст.
Новиот фестивал на прес-конференција денеска го најави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која истакна дека е исклучително значаен настан кој, како што рече, ќе ја промовира Македонија во нов влијателен театарски центар во Југоисточна Европа.
„На македонската публика ќе и бидат понудени врвни театарски остварувања со визуелна естетика која може да се види во реномираните европски театри. Целокупните сценски и аудиовизуелни ресурси на новиот театар ќе им бидат ставени на располагање на шесте национални театри. Верувам дека интересот на македонската публика посебно ќе биде насочен кон гостувањето на еден од најреноминираните ансамбли на денешницата – Глоуб театарот од Лондон, кој во рамките на својата двегодишна светска турнеја, на изворен англиски јазик, на сцената на МНТ, ќе има две изведби на Шекспировиот „Хамлет“. Навистина сме почестени што Република Македонија ќе биде меѓу првите земји во регионот која ќе може да ги види креациите на актерите на овој британски театар, кој постои повеќе од четири века“, рече Канческа-Милевска.
Таа додаде дека новиот фестивал е меѓу 20-те од драмската дејност кои Министерството за култура ги поддржува во својата програма и дека целта е унапредување на драмската дејност и богата театарска понуда за македонските граѓани.
Уметничкиот директор на МНТ Дејан Пројковски рече дека по отворањето на новиот објект на МНТ на 7 декември 2013, почнале да го создаваат новото лице на МНТ како сериозен национален театар по теркот на националните театарски куќи од Европа и за да стане важен центар во Југоисточна Европа – и по својата продукција и по поврзувањето со други национални театри.
„На фестивалот доаѓаат огромни театарски продукции, со 50 до 60 луѓе од национални театри, кои ќе бидат и наши идни соработници на големи проекти“, рече Пројковски. За време на фестивалот ќе бидат објавени две копродукции со големи театарски куќи за преокти во 2015 година.
Билетите за првиот Меѓународен театарски фестивал – МНТ ќе бидат по 300 денари за сите претстави, освен за гостувањерто на „Глоуб“ за кој влезницата ќе биде 500 денари. На фестивалот ќе има и работилници и средби со учесниците, како и 50. изведба на монодрамата „Сребрена свадба“ на Катина Иванова.
Директорот на МНТ Дејан Лилиќ истакна дека внимавале фестивалот да биде во период кога завршува театарската сезона, а пред летниот одмор, и да не се совпаѓа со други театарски фестивали, така што ќе заврши пред почетокот на МТФ „Војдан Чернодрински“.
МНТ ја одбележува 70-тата сезона. „Вечната куќа“, со која во декември беше промовиран новиот објект на театарот, за пет месеци е изведена 20 пати и ја виделе 15.000 гледачи. Оттогаш во МНТ се изведени три премиери на големата сцена и две на малата. На 18 мај ќе биде премирата на „Сината птица“ во режија на Златко Славенски, а за септември Лилиќ ги најави „Електра“ на Андреј Жолдак (кој неодамна ја доби престижната руска награда Златна маска за „Онегин“) и „Мајсторот и Маргарита“ на Иван Поповски, како и премиери на Зоја Бузалковска и на Нела Витошевиќ.
За првиот Меѓународен театарски фестивал – МНТ Министерството за култура одвои 3 милиони денари, а вкупниот буџет ќе биде дополнет со поддршка од спонзори и од приходот што театарот го има од продажба на влезници.