Ристовски: Македонија дел од Меѓународното оценување на ученици – ПИСА

Република Македонија се вклучува во Програмата за меѓународно оценување на учениците ПИСА 2015, која претставува една од најчесто користените алатки во светски рамки за мерење и оценување на практично применливото знаење што го стекнуваат учениците во образовниот систем во матичната земја.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски на денешната прес-конференција информира дека ова оценување, кое нагласи, ќе се спроведе во повеќе од 60 држави од целиот свет го реализира Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД на секои пет години. Согласно правилата прво следи пробно тестирање во сите пријавени земји, кое кај нас ќе се реализира утре во 10 часот.

„Практично резултатите кои се добиваат од ПИСА тестирањето претставуваат студија за параметрите на образовниот систем на една земја која овозможува компарација на квалитетот на образованието со други земји, но пред се претставува добра подлога за иницирање образовни реформи во насока на подобрување на квалитетот на платформата за стекнување практични вештини и способности на учениците“, појасни Ристовски.

Пробното тестирање ќе се спроведе на македонски и албански јазик на репрезентативен примерок од 1.500 ученици во 38 средни училишта во земјата, додека во 2015 година ќе се спроведе официјалното ПИСА тестирање со кое ќе бидат опфатени ученици кои навршиле 15 години, а се запишани во сите јавни и приватни средни училишта.

Официјалното тестирање освен на македонски и албански ќе се спроведе и на турски јазик. Знаењето и способностите на учениците ќе се мерат во три подрачја и тоа способеност за читање со разбирање и критички пристап во читањето на пишаните материјали, математичка писменост и писменост во природните науки.

Тестирањето ќе го реализира Државниот испитен центар во соработка и со поддршка на МОН за што во април месец одржана е обука за психолози и педагози во избраните училишта за начинот на негово спроведување. Учениците се тестираат одговарајќи на прашања содржани во стандардизирани прашалници и тестови, а резултатите од тестирањето немаат никакво влијание на нивниот успех.

„Станува збор за стандардизиран меѓународен начин на проверка на квалитетот на постигнувањата во образовниот систем вкупно. Значи државата ќе ни се оценува и ова не може да се споредува со екстерното тестирање, бидејќи децата нема да полагаат предмети за коишто ќе добијат оценка, туку само ќе дадат придонес, со нивна помош да знаеме во кој дел треба да корегираме делови од образовниот систем“, истакна министерот Ристовски.

Тој додаде дека секоја земја која е заинтерсирана за вакво тестирање прво поднесува апликација, која треба да биде прифатена од ОЕЦД. Котизацијата за учество на Република Македонија во меѓународното ПИСА тестирање е во висна од 182.000 евра за четири години, односно по 45.500 евра на годишно ниво.

Ова е второ учество на Македонија во ова истражување. Првото се одржа во 2001 година и тогаш земјата забележа доста слаби резултати, вели Ристовски. Од вкупно 41 земја кои биле вклучени во тоа тестирање Македонија се пласирала на 38 место по математички вештини, а на 36 во однос на писменост во природните науки.