Продукцијата „Трето уво“ поднесе иницијатива наградата „11 Октомври“ за животно дело од областа на културата да и биде доделена на пејачката-доајен на македонската народна песна, Вања Лазарова.
Со добивањето државна награда, Лазарова автоматски ќе добие и национална пензија како што е утврдено со Законот за култура. Во него е прецизирано дека за национална пензија (месечен износ во висина на разликата меѓу пензијата што ја добива и највисоката пензија во РМ од околу 35.000 денари), творецот треба да има добиено некоја од трите државни награди за уметност и култура (11 Октомври, 23 Октомври или 8 Декември).
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и менаџерот на „Трето уво“ Иво Јанкоски денеска ја посетија Лазарова во домот за стари лица во Скопје во кој таа живее.
„Многу имате направено за нашата држава и за нашата култура и музика, огромна е Вашата поддршка за промоција на Република Македонија. Сите сме горди на Вашето творештво и идните генерации ќе живеат со Вашите песни. За тоа Ви се заблагодарувам лично и од името на Владата и премиерот. За сè што Ви треба тука сме и може да ни се обратите“ – и рече Канческа-Милевска.
Министерката ја поздрави и граѓанската иницијатива за доделување национална пензија на Лазарова, но појасни дека претходно треба да се исполни условот за државна награда, како што бара законот.
Јанкоски истакна дека Лазарова е меѓу ретките македонски пејачи на кои пеењето, како што рече, им е својствено како и дишењето. Тој соопшти дека иницијативата за „11 Октомври“ за животно дело е веќе поднесена до Одборот за доделување во Министерството за култура.
„Документацијата е обемна и е собрана во консултација со семејството на Вања, зашто голем дел од нејзиниот минат труд е во архивите на „Трето уво“, но добар дел е во нејзината приватна архива. Сето тоа мораше да се собере и координира и конечно е комплетирана и предадена. Верувам дека ќе биде позитивно оценета. Со Вања имавме долга соработка. Издадовме три албуми: „Македонски традиционални љубовни песни“, „Ритмистика“ и „Лулка“. Имавме големи настапи на европските сцени, бевме во Италија, Полска итн. И навистина ми е чест и сум горд што сум соработувал со еден ваков уметник. Последниот концерт го имавме на фестивалот „Балкан мјузик сквер“ во Охрид на Античкиот театар во 2010 година. Тоа беше голем солистички, целовечерен концерт и помина одлично пред полн аудиториум“ – рече Јанкоски.
Осумдесет и четиригодишната Лазарова се заблагодари за нивната посета и за поднесената иницијатива. Се присети на своите многубројни концерти и пред гостите ја запеа „Нели ти реков моме Донке“, а тие ја пофалија дека гласот и е се уште моќен и во форма.
Рече и дека е задоволна од условите во домот во кој е сместена.
„Прекрасно ми е тука. Ме пречекаа како да сум нивни персонал, а не пациент“ – рече Лазарова.
Таа има испеано стотина македонски изворни народни песни, од кои најголем дел се снимени во продукцијата на МРТ. Има работено во Операта при МНТ, била член на Државниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“ и настапила на голем број концерти низ светот. Посебен придонес има во соработката со групата „Анастасија“ за музиката за филмот „Пред дождот“, кој во 1994 освои „Златен лав“ во Венеција.