Нови 70 специјализации во угледни клиники во странство се обезбедени за доктори од јавните здравствени установи во Република Македонија по општа медицина, како и специјализанти, информира на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
„Со имплементацијата на овој проект, ги продолжуваме континуираните заложби за зајакнување и унапредување на стручниот кадар во здравствените установи, како и подигнување на квалитетот на знаење и стручни вештини на докторите, особено од аспект на совладување на нови методи за кои досега пациентите беа испраќани во странство. На овој начин, ја пополнуваме празнината, која е настаната како резултат на тоа што со години во Македонија не се водело грижа за надополнување на кадарот во здравствените установи и не се праќаледоктори на едукација и специјализација. Со искуствата стекнати преку специјализациите на докторите, а особено со новите специјализации во странство, ќе овозможиме и уште поквалитетни здравствени услуги за нашите граѓани“, рече Тодоров.
Тој посочи дека веќе е започнато со реализација на специјализациите, со тоа што тројца доктори пред месец и половина заминаа на специјализација во реномираниот Клинички центар Нирнберг – Германија. Исто така, и други двајца доктори се примени на специјализација во областа на кардиохирургија, и торакална и дигестивна хирургија, и се пред заминување во Нирнберг.
„Сакам да нагласам дека е отворена можноста за испраќање на доктори на специјализација не само почнувајќи од прва година, туку и од некоја од наредните години од повеќегодишните специјализации“, рече министерот.
Инаку, Клиничкиот центар Нирнберг претставува еден од најголемите медицински центри во Европа, кој обезбедува високо ниво на дијагностички, терапевтски медицински услуги и сеопфатна медицинска експертиза. Располага со 38 клиники од различни специјалности, 5.200 вработени доктори и друг медицински персонал, кои во текот на годината обезбедуваат највисоко ниво на медицинска грижа за 100.000 хоспитализирани пациенти и 95.000 амбулантски пациенти.
За следниот период, тој најави специјализации за доктори во повеќе медицински центри низ Европа, од кои по 10 специјализации ќе има во здравствени установи во Загреб и во Белград. Воедно, рече, се работи на отворање можности за специјализации за нашите доктори и во Софија, Љубљана, како и дополнителен број на специјализации во Германија.
Предвидено е во септември, по завршување на потребните процедури, кандидатите да заминат на специјализација во Србија и Хрватска, кои ќе бидат од повеќе различни области, меѓу кои кардиохирургија, торакална, дигестивна и васкуларна хирургија, неврохирургија, анестезиологија, гинекологија и акушерство…
За претстојниот период, како што нагласи, веќе се распределени дел од предвидените специјализации, за следните јавни здравствени установи: шест специјализации за кадарот од Клиничка болница Штип, шест за Клиничката болница Битола, по четири за ГОБ „8 Септември“ и за општите болници во Велес и Струмица, три специјализации за Универзитетската клиника по хируршки болести Св. Наум Охридски, една за Универзитетската клиника за радиологија, три за Универзитетска клиника за очни болести, четири специјализации за Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св.Еразмо – Охрид, три специјализации за Институтот по белодробни заболувања кај децата – Козле.
Во Република Македонија 442 специјализации и 29 субспецијализации се доделени во учебната 2012/2013 година, додека за учебната 2013/2014 година се доделени 267 специјализации и 44 субспецијализации. Во споредба со претходните години, според Програмата за потребите од специјалистички и субспецијалистички кадри, согласно со мрежата на здравствени установи, за 2006 година биле предвидени 72 специјализации, за 2007 година – 16 специјализации, а за 2008 година биле предвидени 52 специјализации.