На Факултетот за туризам и угостителство, во понеделникот на 12 мај 2014 година, се одржа првата работилница од проектот на УНИДО на тема „Утврдување на заеднички активности и визионирање на кластерот за туризам во охридскиот регион“. Со оваа активност Општина Охрид станува партнер во проектот на Агенцијата за индустриски развој на Обединетите нации.
На работилницата покрај претставници од УНИДО учествуваа и претставници од Секторот за туризам и локален економски развој од Општина Охрид, Факултетот за туризам и угостителство, како и кластерот за туризам, составен од 25 идентификувани чинители во туризмот од овој регион.
Работилницата имаше за цел да се воспостави дијалог помеѓу сите субјекти во туризмот во Охрид, заеднички да се изгради визијата и да се дефинираат активностите кои ќе придонесат кон остварување на посакуваните цели за развојот на туризмот во Охрид.
Главната цел на проектот „Потикнување на одржливи врски и развој на кластери во македонскиот туризам“ е да го стимулира економскиот развој и вработувањето во регионот на Охридското Езеро и регионот Тиквеш и да се направи поврзување на езерскиот и винскиот кластер.
Покрај општините Охрид и Кавадарци во проектот ќе бидат вклучени и Министерството за економија како и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.