Средба на раководството на СДСМ со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав

За Европската унија, Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР е клучен документ за оценка на изборниот процес во Македонија, соопшти амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, на денешната средба со раководството на СДСМ.

„Токму нотираните забелешки на ОБСЕ/ОДИХР, за поистоветување на државата со партијата, необјективност на медиумите, недостиг на ефикасни институционални механизми за приговори, проблематичен Избирачки список, оневозможија слободно изразување на волјата на гласачите, поради што Социјалдемократскиот сојуз не го признава изборниот процес и нема да ги прифати пратеничките мандати“, посочи претседателот Заев. 

Како едно од сериозните нарушувања на системот, раководството на СДСМ ја наведе зголемената партизираност на полицијата и нејзиното ставање директно во функција на партијата на власт.

„СДСМ како најголема опозициска партија има обврска кон граѓаните да не ги легитимира ваквите недемократски процеси, да ја стабилизира државата и да ја врати во нормален колосек“, рече претседателот Заев.

На средбата на европскиот амбасадор со раководството на СДСМ, се разговараше и за актуелната политичка ситуација во земјава.

„Потребни се активности во насока на создавање услови за слободни и фер избори,“ оцени претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на состанокот со амбасадорот на ЕУ во РМ, Аиво Орав.