Армијата на Република Македонија (АРМ) денеска испрати помош во подрачјата погодени со поплавите во Србија и Босна и Херцеговина, врз основа на одлука на Владата.
Во Србија АРМ испрати обучен персонал со материјално-технички средства и опрема наменети за помош во вакви прилики. Кон Босна и Херцеговина од АРМ се испратени 3.000 ќебиња кои заедно со останатата хуманитарна помош од Македонија се на пат кон поплавените региони во оваа држава.
Хуманитарниот контингент на АРМ е дел од контингентот на Република Македонија, со помош наменета за поплавените региони во Србија и Босна и Херцеговина, каде во текот на денешниот ден заедно со претставници на Дирекцијата за заштита и спасување се упати кон Република Србија.
„На овој начин АРМ уште еднаш ја покажа подготвеноста за делување во услови на природна катастрофа и надвор од Република Македонија, како што во моментов е случај со поплавите во соседството и поширокиот регион на Балканот“, соопшти Министерството за одбрана.