Охриѓанецот Филип Гавриловски е млад виртуоз на хармоника. Надежниот Гавриловски од сите меѓународни натпревари, дури и оние со најтешка конкуренција се враќа со освоено прво место. Во низата успеси и признанија Филип неодамна придодаде уште четири први места. Тој беше најдобар во својата категорија на меѓународниот натпревар што се одржа од 6 до 12 мај во Бјелина, Р. Српска. Од 134 претставници од 12 држави од Европа, Филип ја понесе првата награда за соло настап и специјалната награда за камерна музика. Гавриловски е неприкосновен во својата категорија и во Македонија. На Државниот натпревар кој се одржа во Скопје, од 15 до 17 мај, Филип беше прв во соло настап и во камерен состав.
Предходно на Меѓународениот натпревар во хармоника во Белград, Р. Србија, кој важи за еден од најдобрите во светот, и според квалитетот и според бројот на учесници, охриѓанецот Гавриловски ја освои првата награда за својот соло настап.
Филип свири од својата деветта година. Своите почетоци ги направи во ОМУ „Методи Патче“ – Охрид, под менторство на наставникот Наумче Џуклевски. Во моментов е ученик во втора година на Државниот музичко балетски училишен центар „Илија Николовски – Луј“ во класата на проф. Зорица Каракутовска.
По неговите стапки оди уште еден член на семејството Гавриловски и млад талент од охридскиот музички расадник ОМУ „Методи Патче“. Помалиот брат на Филип, Димитар, на Државниот натпревар во виолина освои прва награда за соло настап и прва награда во камерна музика. Димитар е ученик во 5та година во охридското музичко училиште, во класата на Кирил Белистојаноски.