Учество на министерот Попоски на Меѓународната Конференција „Европскиот идентитет и иднината на Балканот“

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, денеска, учествуваше на Меѓународната конференција на тема: “Европскиот идентитет и иднината на Балканот“, која се одржа во Скопје под покровителство на Австриско-францускиот центар за приближување во Европа и Европското движење на Македонија, а во организација на Амбасадите на Франција и Австрија во Скопје.

Во своето воведно обраќање пред присутните, министерот Попоски истакна дека Конференцијата претставува одлична можност за афирмирање на европската иднина на регионот генерално, но и за промовирање на европската иднина на Македонија, која е возможна само преку активна поддршка на процесот на проширувањето од страна на земјите-членки на ЕУ. Во таа насока, ја истакна важноста на улогата на Франција и Австрија за европската и евроатлантска интеграција на нашата земја, како и клучните одлуки кои беа донесени во рамките на нивните претседателства со ЕУ во однос на нашиот регион.

Обрнувајќи внимание на историската важност на формирањето на европската заедница за помирувањето и постигнатото пријателство во Европа, министерот Попоски истакна дека истата сé уште може да се искористи како инспирација за правење на дела кои би придонеле за градењето на поголема доверба во ЕУ, особено за проширувањето. Се осврна на улогата на земјите од Западен Балкан кои го следеа овој пример на поттикнување и негување на истата хармонија и добра волја која постои во односите меѓу земјите на ЕУ. Ја нагласи и важноста на улогата на Македонија како проактивен сосед и иницијатор на конкретни активности, проекти и различни видови на соработка, со цел заедничка и успешна интеграција на нашиот регион во европското семејство.

На крајот на своето обраќање, министерот Попоски упати благодарност до организаторите на Симпозиумот, на кој земаа учество и многу реномирани имиња и претставници на неколку влијателни меѓународни тинк-тенк организации, како Carnegie Europe, CERI-sciences Po, OIIP и др., како и претставници од други значајни институции, новинари и политички аналитичари. Свои воведни обраќања имаа и генералниот секретар на Австриско-францускиот центар и поранешен министер за надворешни работи на Република Австрија, г. Петер Јанкович и проф. д-р. Милева Ѓуровска, претседателка на Европското движење на Македонија.