Приведени 27 лица на денешните протести во Ѓорче Петров

Денешните протести на подрачје на општина Ѓорче Петров поминаа без посериозни инциденти и без да биде предизвикана поголема материјална штета. Благодарение на соодветната полициска интервенција беа спречени нарушувања на јавниот ред и мир од поголем обем и несакани ескалирања на состојбата.

До овој момент до Министерството за внатрешни работи нема пријава за повредени лица од учесниците во протестот.

Учесниците во неколку помали инциденти и каменувања на полицските службеници беа приведени. До овој момент станува збор за вкупно 27 лица и тоа 16 приведени во ПС Кисела Вода и 11 во ПС ОН Карпош. Против нив, по целосно документирање на делата ќе следуваат соодветни пријави. При преземањето на активностите вкупно девет полициски службеници (седум припадници на ЕБР и двајца на СВР Скопје) се пожалија на некакви повреди кои не се од посериозен карактер, а беа оштетени и осум службени возила.

Протестите започнаа околу 17.00 откако преку социјалните мрежи беше организирано собирање во знак на револт за вчерашното убиство на 18 годишното момче. Поголемиот дел од лицата кои пристигнаа на протестите, според првичните сознанија беа малолетни на возраст од 15 до 18 години, членови на навивачки групи, а дел од нив носеле фантомки на главите, како и безбол палки и стапови.

МВР апелира граѓаните да останат воздржани и да дозволат органите на прогонот непречено да ги завршат сите законски процедури околу докажување на одговорноста на осомничениот. Да не дозволат да бидат манипулирани и вовлечени во посериозни инциденти кои би имале далекусежни последици. Од МВР апелираат и до медиумите сериозно и професионално да ги извршуваат своите задачи и дека МВР им стои на располагање на медиумите да ги проверуваат сите дезинформации пред да бидат објавени за да не ја доведуваат во заблуда јавноста.