Најсаканиот Исусов ученик. Најмладиот од 12-те христови апостоли и еден од четворицата евангелисти, Јован е наречен апостол на љубовта. Присуствувал на најважните настани од животот на Исус Христос, а по Распетието ја зел Богородица кај себе и се грижел за неа како за вистинска мајка до нејзиното успение. Бил талентиран писател и имал моќ да ги објасни најдлабоките тајни на христовата наука поради што е наречен Богослов.
Роден е во Витсаида, град на брегот на Галилејското езеро и е помлад брат на апостолот Јаков, според татко му наречен Заведеев. Татко му се викал Заведеј, а мајка му Саломија и била ќерка на Јосиф, старателот на Богородица, кај кого што живеела по напуштањето на божјиот храм.
Јован бил рибар и заедно со брат му и со татко му ловеле риби на езерото. Еднаш кога ги крпеле мрежите кај нив наминал Исус и ги повикал Јована и Јакова. Тие веднаш го напуштиле татка си, бродот и мрежите и му се придружиле. Исус му бил посебно наклонет на Јована поради што овој присуствувал на сите поважни настани од неговиот живот.
По Вознесението на Исус, додека била жива Богородица тој проповедал во Палестина, а потоа низ Мала Азија. Најдолго престојувал во Ефес. И подоцна Исус му се јавувал на Јована, а еднаш му раскажал за иднината на неговата црква. Според ова јавување Јован го напишал своето дело „Откровение” со кое што завршува Светото писмо (Библијата). Напишал и други дела, а најпознати се трите посланици. Од неговите дела се гледа дека бил талентиран писател и дека имал моќ да ги разјасни најдлабоките тајни на Христовата наука, поради што е наречен Богослав. Со своите проповеди многимуна пагани обрнал кон христијанство поради што од царот Домициан бил многу мачен. Му дале да испие отров, потоа го фрлиле во жешко масло, а кога и од тоа немал никакви последици плашејќи се дека е бесмртен царот го протерал на островото Патмос до брегот на Мала Азија.
Според божјата волја доживеал длабока старост. Починал на 105 годишна возраст и е единствен од дванаесетте христови апостоли што умрел од природна смрт. Кога си го почувствувал крајот зел со себе неколкумина од своите ученици меѓу кои и неговиот постојан придружник Прохор, ги одвел надвор од градот, ги замолил да ископаат гроб, а потоа, откако им ги дал последните упатства легнал во гробот и ја предал душата на Бога.
Празникот поврзан со името на овој светец е 21/8 мај, празник востановен во чест на чудата што се случувале над неговиот гроб. Имено, покрај многуте чуда што ги направил за време на животот (воскреснал мртви, исцелил болни, ја скротил бурата на морето, а кога патниците на бродот немале вода за пиење солената вода ја претворил во слатка итн.), секоја година на 8 мај (с.с.) од неговиот гроб излегувала прашина од која оздравеле многу болни. Песните што на тој ден се пеат во црквата во негова чест главно се составени од Јован Дамаскин и од цариградскиот патријарх Герман во VIII век.