Актуелни теми во врска со спроведување на реформите во контекст на остварување членство на Република Македонија во НАТО, биле темите за кои разговарале на денешната средба во Скопје премиерот Никола Груевски и генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен.
Премиерот Груевски и Расмусен се согласиле дека членството на Република Македонија во НАТО и понатаму претставува меѓусебен интерес и цврста определба како за Македонија, така и за Алијансата.
Претседателот на Владата Груевски уште еднаш ја реафирмирал определбата на земјата за што поскоро зачленување во НАТО како еден од врвните приоритети на надворешната политика на Македонија.
„Истакнав дека Македонија е активен партнер на Алијансата во повеќе заеднички активности и мисии, но особено придонесува во споделувањето на заедничките одговорности со земјите членки на НАТО. Македонија се покажа како стабилен партнер на НАТО во изминатите години“, изјави премиерот Груевски по средбата со Расмусен.
Тој рече дека го информирал Расмусен и за цврстата определба на Владата на Република Македонија за останување на реформскиот процес во рамки на МАП процесот со цел натамошно зајакнување на политичките, одбранбените и безбедносните перформанси на земјата кои се составен дел на целосното евроатлантско интегрирање на земјата во Алијансата.
„Ја нагласив нашата определба за долгорочен продонес во зачувување на меѓународниот мир и безбедност за што РМ е подготвена да продолжи со својата контрибуција во Авганистан и по 2014 година, согласно потребите на Алијансата и можностите на земјата,“ рече Груевски.
На средбата биле разменети и мислења за актуелните случувања на глобален и регионален план, како и за заложбите на Македонија и придонесите, особено соработката во полето на одбраната, но и унапредување на комуникацијата во другите сфери од заеднички интерес.
„Со генералниот секретар на НАТО зборувавме и за процесот на разговори за надминување на разликите со Република Грција во врска со билатералното прашање кое нашиот јужен сосед го отвори пред повеќе од 20 години, истовремено информирајќи дека во интерес на Република Македонија до изнаоѓање решение за ова прашање како последна пречка за членство на РМ во НАТО“, истакна Груевски додавајќи дека го запознал Расмусен и за неодамна одржаните претседателски и парламентарни избори, како и за следните чекори во правец на составување на новата Влада, но и за активностите во наредниот период.
Премиерот Груевски изрази надеж дека добрата соработка и одличната комуникација со Алијансата ќе продолжи остварувајќи ги заедничките интереси и придонесувајќи во гарантирањето на мирот и стабилноста.
Расмусен, потенцирајќи го високиот придонес на Македонија во ИСАФ мисијата и поддршката за КФОР, истакна дека Македонија е ценет придонесувач за меѓународната безбедност.
„НАТО е посветен на иднината на Западен Балкан како природен дел од евроатлантското семејство. Вашата безбедност, стабилност и иднина, нам ни е важна. Вие не сте блиску до нас само географски, туку и историски и културно, така што верувам дека припаѓате на нашето семејство на нации и со задоволство гледам на тоа да ве видам како ќе се приклучите во семејството во скоро време“, рече генералниот скертар на НАТО.
Тој потенцира дека интеграцијата во НАТО е слободен избор, но, рече, бара постојани рефроми, тешки одлуки и храбро лидерство.
„Вратите на НАТО се отворени, како што се согласивме на Самитот на НАТО во Букурешт 2008 година. Вие ќе добиете покана да започнете пристапни преговори со НАТО штом се изнајде заедничко прифатливо решение за прашањето за името. Ве поттикнувам да продолжите со напорите и да тежнеете кон изнаоѓање решение. Времето е сега“, рече Расмусен.