Балканот го зафатија најголеми поплави во последните 120 години, поради што илјадници луѓе беа евакуирани, а многу други останаа заглавени во своите домови без струја и вода и се уште чекаат помош, наведува американскиот весник „Њујорк Тајмс”, нагласувајќи дека на регионот се уште му се заканува опасност од нови поплави.
Дождовите конечно престанаа, но опасноста и натаму постои во реоните опустошени од поплавите, се истакнува во написот, при што се додава дека огромно количество вода по реката Сава се движи кон Белград и ги загрозува градот и термоелектраната „Никола Тесла” од која со струја се снабдува половина Србија.
„Њујорк Тајмс” наведува дека околу термоцентралата се поставуваат барикади од вреќи наполнети со песок со цел да се спречи продирањето на водата.
Илјадници лица го напуштија најтешко погодениот Обреновац, но се верува дека во куќите има уште неколку илјади луѓе кои чекаат помош без струја и вода за пиење, пишува весникот.
Извор: Нет Прес