Започнуваат европските избори

Од денеска до 25 мај, граѓаните на Европската унија гласаат за свои претставници во Европскиот парламент. Повеќе од 400 милиони Европејци со право на глас од сите 28 земји-членки на ЕУ, ќе го одлучат осмиот состав во европскиот законодавен дом, кој ќе брои 751 пратеник.

Својот глас први ќе го дадат граѓаните на Холандија и Велика Британија, а изборите во недела ги затвораат Италијанците.

Новоизбраните пратеници ќе се организираат во политички групи до крајот на јуни, пред конститутивната седница на Европарламентот, која е планирана од 1 до 3 јули во Стразбур, а на која ќе биде избран и идниот претседател на Европскиот парламент.