Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид денес испрати соопштение до медиумите, во кое стои:
„Суштината на постоењето на охридското здружение „Брег на младоста“, не се само сеќавањата, средбите и туристичката афирмација на Унесковиот Охрид и езерото, туку акцијата и волонтерскиот прилог за локални потреби и способноста за интеграциските потреби на други подрачја во земјата, во други држави на регионот, Европа и пошироко. Да се даде своето време, искуство, способност, капацитет и да се добие духовното единство на човековата разноликост.
Ова година решивме да не го гледаме светлиот плод на средбите во Охрид на ликови од многу држави на Балканот, Европа и надвор од неа, туку ние од наши членови, симпатизери, подржувачи и други од 18 до 60 години, да организираме две работни единици, и со поддршка на локалната самоуправа и владин и невладин сектор, се упатиме во настраданите подрачја на Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска во напорите за санација и ревитализација на просторните и животни услови.
Нашиот поттик и мотив извира од заедничките цели, Платформа и Декларација на слични здруженија и клубови од Велење, Марибор, Загреб, Суботица, Бела Црква, Зрењанин, Кикинда, Белград, Смедерево, Краљево, Ниш, Бор, Сремска Митровица, Нови Сад, Лазаревац, Зеница, Бреза, Сараево, Подгорица, Скопје, Тетово, Битола, Штип и други места, асоцијации и поединци од Германија, Швајцарија, Франција и други земји, кои со љубов и почит ја споделуваат големата човекова идеја за солидарност и хуманост преку волонтерска активност и акција. Но, и од памтењето и историјата за вклученоста и несебичната помош во послеземјотресно Скопје во 1963 и годините после тоа и успесите при изградбата на водоводот Охрид – Метропол, патот Охрид – Ресен, на ископините на Охридскиот амфитеатар, на телекомуникациски и други објекти и простори во Охрид и регионот.“- се вели во соопштението на Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид.