Во текот на 20-тата недела од 2014 година (од 12.05.2014 – 18.05.2014 година), во Република Македонија пријавени се 32 лица заболени од грип/заболувања слични на грип, во однос на 11 заболени лица во истата недела во претходната сезона на грип и 3 заболени лица просечно, во последните 10 години.
Во сезоната 2013/2014, заклучно со 20-тата недела/2014, вкупниот број на заболени од грип во републиката изнесува 29.074, а морбидитетот на 10.000 е МБ=141,5.
Во споредба со истиот период минатата година, постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 16%, а во однос на просекот за 10-годишниот период се регистрира зголемување за 60,4%.
Во текот на 20-тата недела нема регистрирано смртен случај асоциран со инфекција со вирусот на грип, а вкупниот број на починати лица во оваа сезона изнесува 12.
Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, покажува дека најголем број на заболени во однос на вкупниот број пријавени случаи во целата сезона (14.381 или 49,5%) се регистрирани во февруари месец, потоа во јануари – 23,4% од заболените, во март – 20,9%, а останатите 6,2% од заболените се регистрирани во преостанатиот дел од сезоната 2013/2014.
Најголем број на заболени во текот на оваа сезона се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Скопје – 4.145 заболени и ЦЈЗ Прилеп – 3.989, а најголем морбидитет (760,1/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци.
Во однос на возрасните групи, во сезоната 2013/2014 најголем број заболени се регистрираат во возрасната група од 15-64 години – 65,2%, а најголем морбидитет (239,9/10.000) е регистриран кај децата до 4-годишна возраст.
Во текот на 20-тата недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ не пристигнал материјал за тестирање на присуство на вирусот на инфлуенца.
Во текот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 206 хумани материјали, од кои 125 или 60,7% биле позитивни на вирусот на инфлуенца.
Од позитивните, 112 материјали се конфирмирани како инфлуенца А (89,6%), а кај 13 е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот (10,4%). Од инфлуенца А позитивните, 17% се конфирмирани како инфлуенца A/H1N1pdm09, 34,8% материјали се позитивни на инфлуенца А/H3N2, а 48,2% се нетипизирани инфлуенца А вируси.
Во текот на оваа сезона, во Центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици на територија на Република Македонија, вакцинирани со вакцина против сезонски грип се вкупно 23.970 лица. Најголем процент (68,5%) од вакцинирани лица се припадници на ризичните групи – лица на возраст над 65 години или со историја на некое хронично заболување).
На завршетокот на сезоната, интензитет на активноста на вирусот на грип е низок, се регистрираат само спорадични, лабораториски непотврдени случаи.
Според информациите на електронскиот неделник на WHO – Euroflu за движењето на вирусот на грип во Европа во 19-тата недела од сезоната 2013/2014, инциденцата на лица заболени со грип/заболувања слични на грипот (ILI) и со акутни респираторни инфекции (ARI) е на ниско ниво и се приближува до вредностите кои се бележат надвор од сезоната, во сите земји од Европскиот Регион на СЗО.
Процентот на позитивни тестирани сентинел примероци на ILI, ARI и SARI е многу низок. Инфлуенца A е доминантиниот тип во сезоната во Регионот. Земјите кои даваат податоци за SARI хоспитализации сé уште пријавуваат пациенти, но во многу помал број и помал дел од нив се тестирани позитивни.
Бројот на хоспитализирани пациенти со SARI е стабилен во последните неколку недели. Најголемиот број на хоспитализирани случаи припаѓаат на возрасната група од 0-4 години, а бројот на позитивни тестирани за грип пациенти со SARI се намали.
Од почетокот на сезоната, 8 земји пријавиле 4.755 хоспитализации на пациенти, лабораториски позитивни на грип: 99% како резултат на инфекција со influenza A (воглавно A(H1)pdm09) и 1% со influenza B.
Пет земји пријавиле вкупно 402 смртни случаи, 99% поврзани со инфекција со influenza A (од субтипизираните, 81% – A(H1)pdm09 и 19% – A(H3)) и 1% со influenza B.