Црвен крст Охрид, вчера 25.05.2014 година, согласно стандардите на Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвена Полумесечина, подготви и испрати уште еден шлепер со 25 тони помош за населението погодено од поплавите во Србија. Помошта се состоеше од најнеопходните производи за нив: вода, конзервирани и трајни прехрамбени производи, храна за бебиња, средства за хигиена, дезинфекциони средства, детска нова облека и чорапи. Помошта, која ја донираа хуманите охриѓани-поединци, голем број фирми и институции, општина Охрид и др., денес ќе биде предадена во собирните центри на Црвен крст на Србија во Белград, од каде ќе биде доставена на населението погодено од поплавите. Инаку, Црвен крст Охрид, на 22.05.2014 г. испрати помош од најнеопходните производи и за населението погодено со поплавите во Босна и Херцеговина.
Црвен крст Охрид изразува голема благодарност и почит кон сите оние кои со директна донација или на било кој поинаков начин учествуваа во хуманитарната собирна акција и допринесоа да се олеснат страдањата на населението од поплавените подрачја во Србија и БиХ.
Апелот за помош на поплавените во Србија и БиХ е сеуште отворен и со цел натамошна успешна, ефикасна и рационална реализација на хуманитарната акција повикуваме, граѓаните и компаниите во оваа фаза од хуманитарната собирна акција (до следната проценка на состојбата на терен) да се воздржат од донирање на било каков вид на облека и обувки, бидејќи се задоволени потребите на настраданото население во полавените подрачја на двете држави.
Согласно сегашните проценки на потребите на населението во загрозените подрачја на двете држави, најнеопходни се специфични средства за справување со последиците од поплавите (лопати, сточна храна, специфични раствори за дезинфекија и сл.) кои потешко се обезбедуваат. Поради тоа, во иднина информираме дека е потребно донациите да бидат насочени кон финансиска поддршка на настраданото население преку трите телефонски оператори 070/075/077 143 400 и преку уплата на Фондот за солдарност и жиро сметка на Црвен крст Охрид (5300003001361-21, Охридска банка).
Од денес, 26.05.2014 г. Црвен крст Охрид ќе прима помош за Србија и БиХ на еден собирен пункт кој ќе биде во седиштето на нашата организација на ул. Димитар Влахов бр. 52 (спроти Гимназија).