Три месеци била жртва на трговија со луѓе

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против лицето Р.С.(23) од Скопје поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело “Трговија со луѓе“ по член 418- а став 1 и став 2 од КЗ на Р.Македонија.  

На 23.05.2014 година од страна на полициските служби на Романија преку СМПС доставена е информација и барање за лоцирање, односно пронаоѓање на лицето К.С.(20) од Романија, за која постоеле основи на сомневање дека е потенцијална жртва на трговија со луѓе односно дека присилно е држена од страна на пријавениот на територија на Р.Македонија. По преземени оперативно тактички мерки, истиот ден романската државјанка е пронајдена во домот на кривично пријавениот во с.Кондово, при што со истата е извршен службен разговор во кој посочила дека со пријавениот се запознала во текот на Октомври 2013 година во Бон, Р.Германија каде истиот повремено престојувал и работел, кај своите роднини. Во наведениот временски период пријавениот и оштетената  остваруваат контакти и љубовна врска, по што со лажно ветување за брак на 22 Февруари 2014 година двајцата со автобус тргнуваат од Германија и остваруваат легален влез во Р.Македонија. По пристигнувањето, пријавениот, романската државјанка ја сместува во семејната куќа во с.Кондово, а на 24.02.2014 година во просториите на ПС-ОН “Ѓорче Петров“ Скопје ѝ пријавува туристички престој  и веднаш потоа ѝ ја одзема нејзината лична карта и мобилниот телефонски апарат со Германска СИМ картичка кој го поседувала. Откако К.С. била сместена во една од собите во семејната куќа, истата била запознаена со членовите на семјството на пријавениот, меѓу кои и со неговата невенчана сопруга. Во наредниот период од страна на пријавениот истата била присилувана на вршење на домашни работи и сексуални односи со него заради што останува бремена. Доколку од страна на жртвата била искажана непослушност или одбивање да ги извршува наведените работи, истата била вербално и физички малтретирана и тепана од страна на пријавениот. Во текот на нејзиниот престој во куќата истата не смеела да излегува без негова придружба, а во неколку наврати од страна на пријавениот, под негова контрола и било дозволено преку SKYPE да контактира со нејзината сестра во Романија на која во еден наврат успеала да ѝ прати кратко известување на романски јазик, дека е физички малтретирана од страна на пријавениот, дека неможе да си дојде дома поради немање на лични документи, како и дека е бремена и најверојатно ќе проба да се повреди себеси бидејќи не сакала да ја задржи бременоста, за што од страна на пријавениот не ѝ било дозволено да посети  лекар. Покрај физичкото малтретирање, пријавениот често пати ја заплашувал со физички казни, со закани по животот на нејзините блиски во Романија и Италија, па дури и со закани по нејзиниот живот.

На 23.05.2014 година, Р.С. откако претходно е повикан во полициска станица и извршен е службен разговор, истиот е лишен од слобода,  со потврда  за привремено одземени предмети, одземена му е романска лична карта издадена на име на оштетената, како и пријава за туристички престој за странски државјани заведена на 24.02.2014 година. На 24.05.2014  година врз основа на Судска наредба за претрес на дом и други простории, издадена од Судија на предходна постапка при Основен суд Скопје 1 Скопје, извршен е претрес во домот на пријавениот, при што пронајдени и со Потврда привремено се одземени предмети во сопственост на оштетената. На пријавениот му е одредена мерка притвор во времетраење од 30 дена.