Хуманитарен концерт за помош за настраданите во поплавите во Србија, БиХ и Хрватска

Вчера во салата „Борис Трајковски“ во Скопје се одржа хуманитарен концерт за помош на настраданите во поплавите во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска.

На концертот, кој беше во организација на Владата на Република Македонија, настапија голем број македонски естрадни ѕвезди, меѓу кои: Влатко Стефановски, Есма Реџепова, Виолета Томовска, Ефто Пупиновски… 
 
Влезниците беа по цена од 150 денари, а до пред почетокот на концертот, според изјавата на  министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, беа продадени околу 11.000 билети.
 
Отворени беа телефонските броеви за донации 070143400, 075143400 и 078143400, на кои со едно јавување, граѓаните донираа 100 денари + 18 отсто ДДВ и имаа можност да разговараат со министри во Владата, претставници на јавниот живот, пејачи, музичари, спортисти… На концертот присуствуваше и премиерот Никола Груевски.
 
Беше упатен и повик до големите компании да донираат средства на жиро-сметката на Црвениот крст на Република Македонија 00000001327966, даночен број 4030984271520, Комерцијална банка.
 
За помошта што Македонија им ја дава на овие земји се заблагодарија амбасадорите на Србија, Душанка Дивјан-Томиќ, и на Босна и Херцеговина, Здравко Беговиќ.  
 
Средствата од хуманитарниот концерт, како и средствата што треба да се соберат од претстави и концерти кои ќе бидат реализирани и изведени од нашите театри, Македонската опера и балет и Македонската филхармонија, ќе бидат префрлени на посебна жиро-сметка, а потоа ќе им бидат предадени на настраданите во поплавите во Србија и во Босна и Херцеговина.