Влезот на „Филип Морис“ во Македонија, која е најголемата компанија, број еден во светот за производство на цигари, е сигнал до многу други инвеститори дека во државата има добри услови и клима за бизнис. Ова го потенцира денеска премиерот Никола Груевски по промоцијата на нови пет тома од капиталната едиција „Македонски искушенија“.
„Да се влезе во еден таков ланец значи сигурност, стабилност пред се за луѓето кои соработуваат со овој Тутунски комбинат, односно оние кои го продаваат тутунот – тутунарите“, рече Груевски.
Појасни дека оваа американска компанија држи најголем дел од пазарите во светот и продава свои брендови.
Премиерот Груевски истакна дека нивното присуство во Македонија не означува само стабилност за тутунарите туку, како што рече, ќе значи можност во иднина да има и одредени инвестиции.
„Нам како држава ни помага за една државна компанија од минатото да застане на свои нозе, влегувајќи во едно вакво партнерство. Тоа ќе значи и сериозен сигнал до другите светски глобални корпорации дека Македонија е добро место за правење бизнис, оти има добри услови и клима за бизнис“, нагласи Груевски.
Впрочем, додаде, ова го кажа и членот на бордот на „Филип Морис“ на прес-конференцијата при што првата причина што ја наведе зошто влегуваат во Македонија е создадената одлична бизнис-клима.
Според премиерот, се работи за компанија која е број 1 во светот во тутунската индустрија и една од најголемите корпорации во светот воопшто, земено од сите други индустрии заедно.