Промовиран Прирачник за барање работа напишан на брајово писмо

Сто и педесет прирачници за стратегии за барање работа на брајова азбука од денеска ќе им бидат достапни на лицата со оштетен вид и слепите лица кои сакаат да се вработат.

„Барајќи работно место, и тие, покрај останатите документи треба да достават кратка биографија, мотивациско писмо, но и да отидат на интервју кај потенцијалниот работодавач. За да им помогнеме при вработувањето денеска промовираме прирачник преку кој младите луѓе со оштетен вид ќе можат да се запознаат со стратегиите за барање работа“, истакна на денешната промоција на прирачникот министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Додаде дека ова е прв прирачник од ваков вид во земјата кој е напишан на брајово писмо, во кој има информации за подготовка на кариерно портфолио, изработка на кратка биографија и мотивациско писмо, како и информации за претставување на кандидатите на интервју. Прирачникот е дел од проектот за практиканска работа и вработување на лицата со попреченост, финансиран од УСАИД.

„Токму преку ваквите проекти се уриваат стереотипите за луѓето со оштетен вид, но и за оние со каква било друга попреченост. Се дава до знаење дека и тие можат да ги да завршат поставените работни задачи, во некои случаи дури и подобро од останатите вработени. Затоа нашата цел е на овие лица да им го поедноставиме процесот на барање работа, но од друга страна и да ја подигнеме свеста кај бизнис заедницата, институциите и граѓанските организации за ангажирање лица со попреченост во работниот процес со што ќе ја исполнат својата морална и општествена одговорност да помогнат во нивна интеграција во социјалната средина и во јакнењето на нивната економска самостојност“, потенцира Ристовски.

Директорот на УСАИД во Македонија Џејмс Стајн истакна дека на вработувањето лица со попреченост не треба да се гледа како на милостина, туку како на прашање на човекови права.

„Мора да запаметиме дека лицата со попреченост се лица со многу способности и треба да ги имаат истите можности како секој друг граѓани“, истакна Стајн.

Тие, рече тој, имаат право да работат како и другите, да имаат слобода да ја избираат работата, да бидат прифатени на пазарот на труд, но и да имаат инклузивна работна средина која ќе ги прифати. 

 Прирачникот ќе биде достапен во училиштето за лица со оштетен вид и слепи лица „Димитар Влахов“ и во Националниот сојуз за слепи лица.