И коселските ученици им се потсмеваат на “ексклузивните” вести за наводната ерупција

По  таканаречените ексклузивни вести за вулканот во Косел и за неговата  божемна ерупција, денес и учениците од  коселското подрачно училиште  со  насмеани лица и со детска игра им се потсмеваа на  “еруптивните” вести  и  новинарски  шпекулации на некои наши  македонски и други балкански новинарски препишувачи кои јавуваа за некаква  опасност по околината на  вулканот  и локалното население. Вистинската слика за  состојбата на  вулканот  е сосема вообичаена и без трошка опасност  ниту потреба од паника.

Екскурзијата која денес  ја направија  коселските ученици заедно со својот наставник проф. Димче Донески, покажува очигледна слика на едно  вообичаеност и една сосема  соодветна  состојба за еден врнежлив и постврнежлив ден во Косел. Освен  типичниот мирис на сулфур и тоа  во близина на кратерот  на  Дувало, навистина не постои никаква друга појава ниту најмал симптом дека нешто е поразллично од  вообичаено. Детските лица и детските насмевки   при прошетката и разгледот на  сулфатарата  Дувало  јасно  ги демантираат  божемните ексклузивни  и сензационалистички  топ вести  кои се обидоа да  ги  заплашат  неупатените граѓани во Македонија и  во регионот дека  нешто опасно се случува во Косел! Напротив, коселчани воопшто не се изненадени од  постојаноста на вулканот и  актуелните миризби и чад (пареа), а  со овие фотографии кои ги објавуваме и учениците  ја пренесуваат пораката до сите  кои  се обидоа да  спинуваат.

„Дојдете во Косел,  посетете го Дувало и пишувајте за она  што навистина  ќе го видите и почувствувате. Вистината е највистинска  на лице место! Коселчани се спокојни , ќе ве дочекаат домаќински и  насмеани  и ќе ве прошетаат  низ околината за да се уверите во спокојството.”, истакна професорот Димче Донески кој  заедно со учениците го посети  Дувало*  ,  местото на кое ништо  невообичаено не се случи ниту денес,  вчера,  ниту со векови наназад.

„Деновиве, како што рече еден од моите пријатели, еруптира само глупоста на некои од возрасните трагачи по сензации,  кои се обидоа да создадат паника меѓу населението. Но, еве, гледате, најмирни се коселчани, оние кои се најблиску до вулканскиот кратер, а  децата, моите  коселски ученици, знаат  да препознаат кога  е царот гол*”- додаде професорот Донески.

Вака  и со вакво мислење се и другите коселски жители кои  деновиве  како и претходно сосема спокојно ги извршуваат  своите земјоделски активности и други обврски од  животното  секојдневие, а  признаваат  и тоа дека и покрај дезинформациите, сепак,  им годи и популарноста која деновиве ја имаа  директно преку насловниците на  балканските весници, телевизиски канали и  интернет портали. Во оваа насока тие посакуваат и очекуваат Косел да  биде една од почестите туристички дестинации, а  туристите  кои ќе го посетат Охрид  да добијат  уште една  атрактивна понуда. Зошто да не!?

WebOhrid (Фото:Дим Дон)