Полагањето на првиот предмет од државната матура, мајчиниот јазик, започна навреме и нема никакви проблеми, ниту организациски, ниту административни, истакна заменик министерот за образование и наука Сафет Незири. Тој вчера беше во посета на кумановската гимназија “Сами Фрашери”во која во клупите денеска седнаа 291 ученик, и Средното општинско училиште „Наце Буѓони“ во кое полагаат 224 ученици .
„Целта ни е да видиме одблиску како се одвива државната матура. Врз база на информациите на национално ниво во сите средни училишта на ниво на Република Македонија, навремено доставени се материјалите за полагање на државна матура, а исто така, навремено е почнато полагањето на државната матура“, рече Незири.
Додде дека оваа година, покрај зголемениот број на ученици кои ќе полагаат математика, голем интерес има и за предметот бизнис и претприемништво.
„Интересен е фактот што за разлика од минатата година, за основно и напредно ниво по математика има зголемен број на ученици, не зборуваме за поедини училишта, туку за национално ниво. Исто така, 5.180 ученици го пријавиле прв пат предметот бизнис, што значи дека има заинтересираност кај учениците за бизнис, да се запишат на тие факултети“, рече Незири.
Оваа година државна матура полагаат 18.370 ученици од завршните години во средните училишта. Тие ќе полагаат по новиот концепт, таканаречен 1+2 модел, според кој е предвидено полагање на 3 екстерни и еден интерен предмет.
Целиот процес на полагање држана матура го следат вработени во Државниот испитен центар, членови на училишни матурски комисии, околу 2 000 обучени тестатори-наставници, речиси 500 оценувачи, 24 локални координатори и членови на комисии за приговори, како и над 200 овластени набљудувачи.
Следниот предмет кој ќе го полагаат матурантите е странски јазик, односно англиски, француски, германски или руски јазик. Полагањето ќе биде на 11 јуни. Два дена подоцна, на 13 јуни ќе се полага математика, естетика и филозофија, а на 16 јуни ќе се одржат испитите по хемија, физика, биологија, историја и бизнис.