За четири години набавил 14.825 броеви од странски платежни картички со намера да ги употреби

Секторот за Компјутерски криминал и дигитална форензика до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против лицата Р.М. (30)  и А.Д. (33) и двајцата од Струмица, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривични дела „Изработка и употреба на лажна платежна картичка“ по чл.274-б ст.1 и ст.2  и „Помагање“ чл.24 во врска со „Изработка и употреба на лажна платежна картичка“ по чл.274-б ст.2 предвидени и казниви според Кривичниотз на Република Македонија.

Имено, првопријавениот Р.М. со намера да се стекне со противправна имотна корист во периодот од 2008 до 2012 година прибавил на интернет банкарски податоци од вистински платежни картички, односно од носителите на странски платежни картички, вкупно 14.825 броеви од платежни картички со намера да ги употреби како вистински при што изработил една лажна платежна картичка на начин што на задната магнетна лента од оригинална платежна картичка издадена од банка од Република Македонија  вметнал банкарски податоци од вистинска платежна картичка. Исто така, првопријавениот прибавените податоци од носители на вистински платежни картички ги препродавал преку интернет за што добивал одредена парична надомест. Второпријавениот, пак, А.Д. му помагал на Р.М. така што со негова дозвола примал парични сртедства кои потекнувале од продадените платежни картички, кои потоа ги подигал и му ги предавал на првопријавениот за што добивал одредена парична надомест.

По претходно издадена Наредба од ОС Струмица извршен е претрес во домот на првопријавениот каде што пронајдени и одзмени се предмети – компјутерска опрема (еден лап топ, едно куќиште од персонален компјутер, еден внатрешен хард диск, едно USB, платежни картички и сл.)

По добиеното вештачење на компјутерската опрема и извршената анализа, утврдено е дека Р.М. на магнетната лента на оригинална платежна картичка од банка во Република Македонија на име неговиот татко, ги променувал податоците и нанесувал податоци од лица странски дрежавјани и нивните вистински банкарски податоци.

Исто така во лап топот, куќиштето од персоналниот компјутер, внатрешниот хард диск и USB-то, пронајдени се 14825 броеви од платежни картички, податоци за сопстсвеници на е-мајлови, податоци за сопственици на електронски сметки, називи на банки, целосни податоци од магнетната лента на платежната картичка (име и презиме, датум на важење и други податоци поврзани со банкарските сметки).

Утврдено е дека од сервисите за брз трансфер на пари „Western Union“, „DMTH- MoneyGram“ и „Унија Финансиска“, Р.М. и А.Д. во периодот од 2008 до 2012 година ја користеле оваа услуга за да ги добијат паричните средства за продадените податоци од платежни картички на лицата на кои им ги продавале од различни земји (Бугарија, Русија, Украина, САД, Грција, Словенија, Романија), и испраќале парични средства на оние лица од кои Р.М. купувал податоци од платежни картички, при што првопријавениот примил 2.679 евра, 1.150 американски долари, а извршил испорака на 1.566 американски долари, додека второпријавениот А.Д. примил 1.905 евра.