Трето наоѓање на главата на Свети Јован Крстител – Задушница

Во време на луто иконоборство во 8 век, главата на Свети Јован Крстител беше пренесена во местото Комане, место на прогонството на Свети Јован Златоуст. А кога престана иконоборството, во времето на царот Михаил и патријархот Игнатиј, во 850 година, чесната глава на Свети Јован беше пренесена во Цариград и положена во придворната царска црква.

Задушница

Денеска е Задушница – ден за спомен на починатите. На овој ден се оди на гробишта, се носи храна, и се пали свеќа за душа на покојните. Според народните верувања душите на покојните претци и блиски доаѓаат од оној свет кај своите блиски барајќи од нив храна, пијалак, затоплување, чистење (капење). Се верувало дека заборавањето на душите на покојните може да предизвика суши, поплави, немаштија, болести и други несреќи. Кај народот постојат две примарни (пролетна и есенска) задушници, но задушниците поврзани со Духовден се официјално признати од црквата па биле прифатени и од народот. Ваквата средба со душите на починатите се обавувала на гробовите со палење на свеќи, јадење на гробот, посипување на вино врз него, кршење на орев како хтоничен плод со кој се повикуваат душите на средба, со обредни лепчиња, со раздавање на храна и ритуален оброк заедно со мртвите.