Денешниот ден 9-ти јуни претставува Меѓународен ден на архивите. На годишното генерално собрание на Меѓународниот архивски совет (МАС) во Квебек ноември 2007 година, членовите на МАС кои имаа право за гласање одлучија дека токму денот кога беше основан Меѓународниот архивски совет (МАС) во рамките на УНЕСКО, Париз во 1948 година треба да се слави како Меѓународен ден на Архивите.
„ДАРМ и ПО Охрид се приклучува кон чествување на овој датум. Исто така мора да се потенцира дека Државниот Архив на Република Македонија 1 април го слави како ден на Државниот Архив поради тоа што токму на тој датум 1951 година започнал со својата дејност.
Архивот е институција од посебно значење за Република Македонија. Институција која се грижи за културните пишани добра на Република Македонија. Во својата дејност Архивот врши голем дел на дејствија се со цел заштита на архивскиот материјал, средување и обработка, истражување, користење и публикување на архивски материјал.
Архивот претставува своевидна ризница на севкупното пишано богаство и затоа деновите како денешниот 9-ти јуни Меѓународен ден на Архивите и 1 април Ден на Државниот архив на Република македонија се од посебно значење како за архивистите така и за корисниците на архивскиот материјал.“– истакна м-р Никола Митровиќ од Државниот архив во Охрид.