Министерството за здравство од среда во Скопје ќе почне со спроведување едукации на здравствените работници од јавните здравствени установи за унапредување на хоспиталната култура.
„Се работи за организирани обуки за здравствените работници во јавните здравствени установи, кои го опфаќаат постојно вработениот, нововработениот медицински и административно-технички персонал. Обуките се спроведуваат согласно Протоколот за хоспитална култура“, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
Тој појасни дека едукациите за хоспитална култура ќе почнат со тридневна обука на шест групи од здравствени работници, три групи на постојно вработени и три групи на нововработени здравствени работници со по 50 учесници или околу 300 учесници. Ќе бидат опфатени вработените од универзитетските клиники во Скопје, Здравствен дом-Скопје, ГОБ „8 Септември“ и други здравствени установи.
Обуките се организирани во форма на интеракција меѓу учесниците, а на крајот и евалуација на стекнатите знаења и искуства. Обуките ќе ги спроведува тим на обучувачи, кој опфаќа експерти со долгогодишно искуство во обезбедување консултантски услуги, изработка на програми и планови, како и организирање едукации. Се работи за еден експерт за комуникации во здравството, еден предавач на постдипломски студии и еден редовен професор.
„Во текот на едукациите за хоспитална култура, особено внимание ќе посветиме на аспектите на ефективна комуникација, развивање комуникациски вештини и идентификување на потребите на пациентите, како и техники за совладување на комуникациските бариери. Предвидени се и предавања кои се фокусираат на аспектот на емпатија во односите со пациентите и нивните блиски, градење односи на меѓусебна доверба и разбирање, значењето на невербалната комуникација и нејзино усогласување со вербалната комуникација, а воедно и целокупна примена на етичкиот кодекс на однесување во комуникацијата со пациентите“, потенцира Тодоров.
Посебен акцент, како што рече, е ставен на улогата и примената на Протоколот за хоспитална култура во секојдневното работење на јавните здравствени установи.
„Во претстојниот период предвидуваме спроведување на 20 обуки на целата територија на Република Македонија, со што ќе опфатиме 1.000 здравствени работници од различни профили: доктори, медицински сестри, како и останат персонал, односно овие обуки ќе ги издигнеме на регионално ниво и покрај во Скопје, ќе ги организираме и во Охрид, Битола, Штип и Велес“, рече Тодоров.
Министерот за здравство истакна дека предвидуваат имплементација на концептот пациент-центрична здравствена установа кој, како што рече, опфаќа редовни средби на менаџментот на установите со претставници на пациентите и нивните семејства, како и поставување на пациентот во центарот на сите процеси во здравствените установи.