Со цел приближување на работата на државната администрација кон младите, а воедно и укажување на можност за стекнување на работно искуство со кое би можеле полесно да конкурирате на пазарот на трудот, Министерството за труд и социјална политика овозможува волонтирање за заинтересираните студенти.
Волонтирањето ќе биде во периодот од 15.06.2014 до 15.09.2014 година за студенти кои немаат сеуште дипломирано на соодветниот факултет на кој студираат.
Оттаму напоменуваат дека на ангажираните волонтери ќе им биде исплатен надоместок на трошоци за храна и превоз, согласно член 10 од Законот за волонтерство („Сл. весник на РМ“ бр. 85/07 и 161/08) најмногу до 15% од просечната месечна плата во Република Македонија исплатена во претходната година.
По завршување на волонтирањето, Министерството за труд и социјална политика не презема обврска за вработување на волонтерите.
Заинтересираните кандидати да достават писмо за интерес, кратка биографија и копија од индекс на адреса: Министерство за труд и социјална политика -Скопје, ул.Даме Груев. Бр.14- Скопје, со назнака „ за јавен повик за ангажирање волонтери„.
Рокот за пријавување е до 12.06.2014 година.