Промовирани дванаесет нови наслови од проектот превод на 1 000 книги

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски и претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, присуствуваа на промоцијата на 12 нови наслови од владиниот проект за превод на 1000 стручни книги од кои се учи на врвните светски универзитети. Со промоцијата на дела од областа на медицината, природно-математичките науки, земјоделството, педагогијата, филозофијата и филологијата, вкупниот број на преведени книги изнесува 886.

„Овие бројки јасно говорат за капиталот на овој значаен проект, но и за посветеноста, одговорноста и упорноста со која истиот го реализираме и промовираме. Малку по малку, проектот се доближува до својата завршница, а капиталот на знаење кој влегува во Македонија преку овие книги се повеќе си наоѓа свое место и улога во образованието, науката, праксата и во сите општествени сегменти на кои има свое влијание“, истакна премиерот Никола Груевски.

Ристовски истакна дека проектот за превод на 1 000 книги ќе биде надограден со нови дела.

„Усогласувањето на високообразовниот систем со потребите на пазарот на трудот кој неминовно се глобализира, ја зголемува потребата од книги и учебници, кои на новиот стручен кадар ќе му обезбедат знаења конкурентни на глобално ниво. Верувам дека оваа капитална инвестиција е од корист и за студентите и за искусните професионалци, затоа што и едните и другите имаат реална потреба да бидат добро информирани и во тек со најновите трендови во својата област“, рече Ристовски.

Сите изданија од овој проект, освен во читалната 1 000 книги, дистрибуирани се во библиотеките на сите факултети, а можат да се купат во купат и во книжарниците и е-продавниците на издавачките куќи.