Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска присуствуваше на одбележувањето на Светскиот ден на акредитацијата. Тој истакна дека добивањето на соодветни сертификати е од исклучителна важност за домашните компании и за странските инвеститори, а особено е значајно за извозно-ориентираните фирми кои со ова стануваат поконкурентни на странските пазари.
„Без разлика за кој општествен сектор се работи, дали е тоа јавниот или пак приватниот сектор, акредитацијата е реалност на современиот и модерен свет. Република Македонија мора да се движи во таа насока и покрај тоа што во принцип акредитацијата е на доброволна основа и не е обврзувачка, таа е потребна за една здрава и конкурентна економија, за една силна и напредна Македонија“, рече Ристовски.
Ристовски додаде дека од 80-те лаборатории опремени во рамки на владиниот проект за опремување на лаборатории за научно-истражувачка дејност, 42 треба да се акредитираат. Од нив, пет веќе ја завршиле процедурата, а најголем дел од останатите се во фаза на акредитирање.
Директорот на Агенцијата за акредитација Трпе Ристоски истакна дека акредитацијата има клучна улога за обезбедување на квалитет на производите и на разните видови услуги, и дека е извозна дозвола за нивни пласман на странските пазари.
До Агенцијата за акредитација, минатата година стигнале повеќе пријави за акредитација, а лани исто така бил зголемен и бројот на доделени сертификати. Според годишниот извештајот на ова тело, заклучно до април годинава вкупно 138 тела добиле оцена на сообразност. Од нив, 14 се стекнале со нови сертификати, а на 17 им е реакредитирана оценката на сообразност.