Три малолетни лица безбедно се извлечени од водите на Охридското Езеро и вратени на копно во акцијата на полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“. Акцијата е извршена вчера околу 16 часот во езерските води во близина на хотелот „Бисер“ на струшкото крајбрежје.
Малолетниците се наоѓале во изнајмена педалина која невремето и силниот ветер неконтролирано ја носеле кон албанските територијални води.
Езерската патрола изврши итно пребарување на езерскиот квадрант, и на околу 1,5 километри од езерскиот брег наспроти хотелот „Бисер“ ја забележа педалинката и трите малолетници.
Поради големите бранови, тие биле видно вознемирени и не можеле да ја управуваат и контролираат педалинката што претходно ја изнајмиле пред хотелот „Дрим“ во Струга.