Доделени признанијата „Инженерски прстен 2014“

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на најдобрите 13 дипломирани студенти на инженерските факултети, вчера на платото пред Св. Климентовиот храм – Св. Пантелејмон на Плаошник им го додели признанието „Инженерски прстен 2014“ .

При врачувањето на признанието, тој ги повика најдобрите инженери да се вклучат со целиот интелектуален капацитет и преку личниот успех да придонесат кон севкупниот успех на Македонија.

„Научниците и инженерите се вистинските двигатели на напредокот на секоја земја и на светот воопшто. Денес, вам најуспешните и најпосветените млади инженери сакам да Ви порачам дека живееме во можеби највозбудливото време за науката, техниката и технологијата. Времето кога Република Македонија целосно и посветено се вклучува во глобалната трка за знаење, иноваци и крации“, нагласи Иванов.

Успехот на оваа трка, додаде, се мери во бројот на нови технологии, изуми, решенија и патенти.

„Се мери со нивото техничко-технолошкиот и материјалниот напредок на општеството и економимата, но сето тоа зависи од материјалниот ресур,  а тоа сте вие, нашите млади, образование, иновативни и креативни инженери. Луѓе со отворен ум и поголем поглед насочен кон иднината,“ подвлече претседателот Иванов.

Претседателот на Инженерската институција на Македонија Александар Димитров им порача да се грижат за наградата што ја добиле, да создаваат дела, да ја искористат својата креативност, да го користат знаењето што го стекнале на факултетите и да го вкоренат преку создавање дела, иновации и материјални добра.

„На оваа држава и сте потребни. Вашите знаења и лидерство заедно со останатите ваши колеги можат да дадат широк придонес во развојот, просперитетот и опстојувањето на државата. Затоа немојте да се штедите, покажете што знаете, создавајте, отворајте нови работни места за да создадеме услови вие и вашите колеги да не ја напуштаат земјата и тука да основаат семејства“, нагласи Димитров.

Во името на добитниците, Благоја Атанасовски од ФИНКИ посочи дека наградата претставува поттик да продолжат со упорноста да го даваат секогаш најдоброто од себе, да истражуваат нови можности и со своите дела да придонесат кон развојот на државата, но и да ги пренесат знаењата на идните генерации.

„Вложениот труд во нашите студии добива значајна потврда и знак да продолжиме во нашата надоградба. Поддршката што ја добиваме ни е бескрано значајна и инспирација за во иднина“, рече Атанасовски.

Традиционалната манифестација „Инженерски прстен“ се одржува по 11-ти пат, под покровителство на претседателот на Република Македонија, Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери.

Извор: republika.mk