Денеска, во спортската сала „Тодор Александров“ во Велгошти, Кошаркарскиот клуб „Колибри“ од Охрид со голема роденденска забава го одбележа јубилејот, десет години од формирањето на клубот.
Исто така, заедно со новинарите од Охрид беше организиран и хуманитарен концерт за помош на болното 11 годишно момче од Охрид, на кое што му е неопходна операција во Пекинг, а чини 35 000 евра.
„Во Спортскава сала „Тодор Александров“ организиравме мини турнир, кој го посветивме на сите активни членови во овој клуб и со тоа сакавме да го одбележиме нашиот роденден. Исто така овој турнир го посветивме на болното дете кое треба да се оперира во Пекинг и сакаме луѓето спортистите да донираат средства тоа да оздрави и еден ден да ни се придружи на спортските терени.“– изјави Весна Балазоска, тренер на охридските кошаркари.
Ѓоко Танески и Дамјан Пејчиноски и други млади охридски групи се обидоа роденденската и хуманитарна журка да им остане пред се’ во добро сеќавање на младите кошаркари и сите кои на еден или друг начин се поврзани со клубот и кошарката во Охрид.
Инаку, Кошаркарскиот клуб „Колибри“ од Охрид во моментов брои околу 350 дечиња.
„Во текот на овие 10 години низ нашите раце поминале може повеќе од 5000 – 6000 дечиња. Ние сме горди на тоа бидејќи многу од нив станале академски граѓани, студенти, вработени, успешни луѓе што е и нашето мото.“– додаде Балазоска.
WebOhrid/Ангелче Андриоски