Откриен шверц на опојна дрога марихуана

На 15 јуни 2014 година, царинските службеници од граничниот премин Табановце-автопат спречија шверц на 1000 грама високо квалитетна опојна дрога-марихуана.

Дрогата е откриена во патничко моторно возило марка Фолксваген тип Голф со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин со иницијали А.И. (27) од Скопје. Осомничениот два дена пред тргнувањето на пат, од лице кое не го познава, ја купил марихуаната за сума од 400 евра, која била спакувана во две пакувања замотани во црна фолија и залепени со проѕирна селотејп трака.

Откако ја купил марихуанта едното пакување го сокрил во просторот кај моторот под филтерот за воздух, додека другото пакување го сокрил позади инструмент таблата, а потоа се упатил кон граничниот премин Табановце со намера истата да ја пренесе до местото Прешево во Р.Србија. Запленетата марихуана на западно европскиот пазар во продажба на големо би достигнала цена од околу 3.000 евра, а доколку би се продавала во помали количини, цената би била неколкукратно повисока.

 Осомничениот А.И. е лишен од слобода и истиот ќе биде предаден во Основниот суд Куманово. Царинската управа на Република Македонија до надлежното Основно јавно обвинителство против осомничениот ќе поднесе кривична пријава, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.