Турскиот поет Орхан Вели ѝ е одамна познат на македонската читателска публика, но нивното дружење секогаш завршувало како блиц-средба, секогаш во недоволна количина за да ѝ ја нахрани љубопитноста.
Во годината кога светот ја одбележува 100-годишнината од неговото раѓање, издавачката куќа „Антолог“ од Скопје деновиве објави 100 песни од Орхан Вели на македонски, по иницијатива на македонскиот поет и турколог Васко Марковски.
Песните на Орхан Вели географски и по духот се блиски на амбиентот нашите градски улици од првите децении на 20 век, напишани со едноставен јазик, кој го чувствуваме близок.
Творештвото на Орхан Вели е релативно мало по обем но, успеало да ѝ го донесе на турската поезија долгоочекуваниот ветер во едрата, внесувајќи ги во неа уличниот јазик и обичните луѓе.
Неговите песни ѝ беа достапни на нашата читателска публика како убава блиц-средба, но, секогаш во недоволна количина за да ѝ ја нахрани љубопитноста. Изданието „Риба во шишето ракија“ е првото претставување на поезијата на Орхан Вели на македонски јазик во обем каков што заслужува — вели приредувачот Васко Марковски, кој го направи изборот и препевот на песните.
Покровител на изданието е турското Mинистерство за култура и туризам, преку проектот за поддршка на преводи на турската книжевност на други јазици (ТЕДА).
Орхан Вели (1914-1950) е поет-меѓник во турската поезија. Во 1941, заедно со неговите гимназиски друари Октај Рифат и Мелих Џевдет Андај ја објавуваат книгата „Чудно“ (Garip), која се смета за почеток на едно пошироко движење за обнова во турската поезија.