Инспекторатот при општина Охрид од овој петок почнува да работи во три смени. Со 24 –часовната работа во текот на ова лето ќе се контролира се што е во надлежност на локалните инспектори на територијата на Охрид. На терен ќе се утврдува дали се почитуваат одобренијата за поставување урбана опрема и дали фактичката состојба на објектите е во согласност со проектот за кој е издадено одобрението. Непрекинато ќе се контролираат и останатите прекршоци.Во оваа летна туристичка сезона, во централното градско подрачје е забрането поставување на тезги на кои се продаваат пченки, крофни , печени кикирики , палачинки. Согласно законот, храна може да се продава само во објекти за таа намена, кои мора да исполнуваат одредени ХАСАП стандарди.
Локалниот инспекторат ова лето нема да даде зелено светло и за скарите поставени на отворен простор пред угостителските објекти. Со тоа ќе се избегне грдата слика на зачаден воздух во централното градско подрачје. Овој вид храна ќе се продава исклучиво во рестораните и сендвичарите.