На 20.06.2014 година (петок) во Струга, се одржа конференција на тема „Евалуација на европската програма – „Млади во акција”, каде што учествуваа претставници од голем број институции и здруженија на граѓани од повеќе држави. На оваа конференција, покрај здруженија на граѓани од Македонија, учествуваа и здруженија од Србија, Словенија, Естонија, Русија, Албанија, Полска, Норвешка и од Азербеџан, како и претставници од поголем број општини од Македонија, Агенцијата за млади и спорт и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
На оваа конференција претставник од администрацијата на Град Скопје ја презентираше Стратегијата за млади на Град Скопје, која беше донесена годинава. За идејата, процесот и изготвувањето на Стратегијата за млади на Град Скопје одржа презентација Антонио Караланов од Сектор за меѓународна соработка и соработка и поддршка на здруженија на граѓани и фондации на Град Скопје.
„Идејата за изработка на еден ваков стратешки документ произлезе при подготовката на Стратегијата за соработка со граѓански здруженија на Град Скопје, изработена при крајот на 2012 година, каде што од партиципиентите беше констатирано отсуство на конкретни мерки и акции во поглед на младите од Град Скопје. Со усвојувањето на Стратегијата за млади на Град Скопје се доби уште еден механизам за подобрување на политиката за младите во Република Македонија“, кажа Караланов.
Како што информираше тој, главни цели и мотиви за носењето на еден ваков стратешки документ беа подобрување наопштата состојба на животот на младите во Град Скопје преку воспоставување на механизми за информирање и учество на младите во општествено политичките текови во Градот Скопје. Како еден од поважните моменти во процесот на креирањето на оваа стратегија Караланов го наведе и имплементирањето на проектот „Креирање на Локална младинска стратегија на Град Скопје“ во периодот ноември 2012 година – септември 2013, кој беше финансиран од Град Скопје и Регионот Долна Нормандија.
Стратегијата за млади на Град Скопје во својот петгодишен план има поставено осум главни постулати и цели кои треба да се реализираат: младинско информирање, локална младинска работа, образование, младинско учество, квалитет на живеење, младинско самовработување, здравство и превенција, и култура.