Изградбата на експресен пат од Ранковце до Крива Паланка, железничката пруга, како и енергетското поврзување од Штип до Црвена Могила и отварањето на новите гранични премини, се заедничките приорите на Македонија и Бугарија.
Тоа го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по денешната средба со бугарската вицепремиерка за економски развој Даниела Бобева на Македонско бугарските бизнис експо денови, кои се одржуваат во Штип и Кочани.
„Подобрувањето на патната инфраструктура е приоритет број еден, патот од Скопје до Софија сега баш не е најдобар, односно потребно е повеќе време да се дојде од едниот до другиот главен град и нашиот фокус ќе биде подобрување на сета патна инфраструктура што ја поврзува Македонија со Бугарија, како во делот на патиштата, така и во делот на железницата“, рече Ставрески.
Првиот проект што ќе го реализираме и што веќе е во тек, додаде, е изградбата на пругата од Куманово кон бугарската граница. – Тоа е проект кој што во прва фаза е започнат, до 2016 ќе се заврши, а во 2016 та почнува втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка и потоа третата фаза од Крива Паланка до бугарската граница. Верувам дека на тој начин ќе се отворат нови перспективи за транспорт на стока и патници и ќе се овозможи користење на пристаништето во Варна како една алтернатива на Солунското пристаниште, што е значајно за конкуретноста на македонската економија, посочи Ставрески.
Кон крајот на 2015 или почетокот на 2016 година, најави Ставрески, ќе стартува и изградбата на нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка, кој ќе биде со четири ленти, а на граѓаните и на фирмите од Македонија ќе им овозможи побрз транспорт и комуникација со Бугарија.
Бугарската вицепремиерка Бобева истакна дека и на Бугарија приоритет и е подобрување на инфраструктурата до Македонија, но и отворање нови гранични премини со цел да се развива трговијата меѓу двете земји.
Еден исклучителен потенцијал гледаме во индустријата, како и заедничко излегување на пазарите, односно заемно помагање на индустријата меѓу двете страни од една страна на Македонија и од една страна на Бугарија, како и заеднички извоз на производи на трети пазари, рече Бобева.
Голема перспектива за соработка гледаат и во заедничкото презентирање на туризмот, со понуда на заеднички туристички аранжмани за европските туристи кои би ги посетиле историските и атрактивните туристички места на двете земји.
Двајцата вицепремиери истакнаа дека трговската размена меѓу двете земји од 520 милиони евра, треба да ги мотивира двете страни да седнат заеднички преку дијалог да ја зголемат соработката.
На Македонските бугарски бизнис експо денови денеска присуствуваа и претседателот на Македонско-бугарската бизнис комора Зоре Темелковски и претседателот на Трговската Промишлена палата Цветан Симеонов, кои истакнаа дека овој бизнис форум треба да им овозможи на бизнис секторот поголема соработка, но и реализација на заеднички проекти во делот на бизнисот но и на инфраструктурата. Организатори на Македонските бугарски бизнис експо денови се Македонско бугарската бизнис комора, Општина Штип, Центарот за развој на источно планскиот регион и Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.