Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески утре во работна посета во Охрид

Утре, директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески ќе биде во работна посета во Охрид.

Во текот на утрешниот ден во ОУ „Григор Прличев” , заедно со спортските ѕвезди Кире Лазаров, Пепи Манасков и Наумче Мојсоски ќе ги посетат учениците кои се дел од училишниот спортски камп.

Исто така во студентскиот дом „Никола Карев” ќе се обрати на тркалезната маса на тема: „Законски основи за финансирање на училишниот спорт”.

Развојот и стабилното финансирање на училишниот спорт ќе биде темата на тркалезната маса, која во организација на Агенцијата за млади и спорт и Федерацијата на училишен спорт ќе се одржи утре во градот Охрид.

Реформирањето на училишниот спортски систем и зголемувањето на процентот на вклученост на учениците во училишни спортски активности е врвен приоритет во работата на Владата на Република Македонија, за што донесе и Стратегија и Акциски план за постепено зголемување на нивото на вклученост на учениците во училишниот спорт во периодот 2014-2016 година.

На тркалезната маса учество ќе земат претставници на министерствата за образование и наука, финансии и здравство, градоначалници, директори на основни и средни училишта, професори од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и познати македонски спортисти.

Тркалезната маса ќе ја отвори директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, кој претходно заедно со спортските ѕвезди Кире Лазаров, Пепи Манасков и Наумче Мојсовски ќе ги посети учениците кои се дел од училишниот спортски камп.