Нови 30 наслови од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“

Новите 30 книги од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ кои денеска ги промовираме ќе го однесат читателот на патување низ меридијаните на светската книжевност, низ времето и просторот и низ универзалноста на проблемите на обичниот човек каде и да е.

Ова го истакна  министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во своето обраќање по повод денешната промоција на нови 30 наслови во оваа значајна едиција на која присуствуваа академици, писатели, преведувачи и издавачи.

Таа, меѓу другото, се осврна уште еднаш на значењето на проектот „Ѕвезди на светската книжевност“ за македонската култура и јазик прашувајќи се дали се значајни сите заложби на Владата на РМ за издавачката дејност.

„Одговорот е пред нас во три стихови од Махабхарата напишани пред околу 2500 години: Поетите го кажаа тоа порано, поетите го кажуваат тоа и сега, други поети ќе зборуваат за овие настани на земјата и во иднината“, подвлече министерката Канческа-Милевска. 

Претседателот на стручната редакција на едицијата академик Митко Маџунков, пак, оваа промоција ја посвети на преведувачите, особено младите издвојувајќи повеќе имиња како Сара Цветановска, Ивана Илковска, Зорица Теофилова, Офелија Коволовска, Владимир Јанковски, Владимир Мартиновски, Бобан Здравковски, Павел Попов и други.

„Кога почна да се изработува оваа едиција наша цел и скриена надеж беше, меѓу другото, со поддршка на искусните преведувачи да се создадат преведувачки школи барем за најфреквентните јазици. Место тоа, како што обично бидува се создадоа сами од себе од сопствените дарови и од страста со која ја вршат работата и од трудољубивоста неколку имиња меѓу младите кои токму со оваа едиција трајно се афирмираа или барем го потврдија своето реноме. Сметам дека тоа е една од најголемите придобивки на оваа едиција. Младите се гордоста на оваа едиција, а што тие ги прифатија високите критериуми нашата преведувачка иднина е загарантирана затоа што тие никогаш повеќе нема да се откажат од благородниот натпревар со самиот себе,“ вели Маџунков. 

Примената на традиционалната транскрипција тој ја наведе како втора важна придобивка од овој проект. – Покрај точната лексика, именувањето е оној сегмент од јазикот кој недвосмислено ја покажува неговата цврстина и стабилност. Во таа смисла може да се каже дека превописното менување на имињата не се разликува многу од нивното фактичко именување во стварноста, рече академик Маџунков.   

Едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ предвидува објавување на 560 дела од светската книжевна ризница.