За неколку дена почнува отворањето специјализирани нефролошки пунктови, односно амбуланти за хронична бубрежна болест (ХББ) во државата со цел рано откривање на пациентите со ризик од ХББ. Во амбулантите ќе работат доктори интернисти со субспецијализација нефрологија или пак интернисти со долгогодишно искуство на полето на нефрологијата. Постојат пет степени на ХББ и целта е да се дијагностицира прв, втор степен и со тоа да се успори прогресот на болеста.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека раното откривање на хронична бубрежна болест е главен предуслов за успешно спречување на губење на функцијата на бубрезите и намалување на сите ризик фактори за тоа заболување. Оштетувањето на бубрезите, како што посочи, се утврдува при анализа на урина, биохемиски тестови на крвта, наод на рендгенска слика или друга имиџинг дијагностика и биопсија на бубрегот.
„Статистичките податоци покажуваат дека кај се поголем број луѓе се открива напредна бубрежна инсуфициенција без претходни симптоми, претходно познати бубрежни заболувања и без лекување кое би можело да влијае на текот на болеста. Причината за зголемување на бубрежните болести е стареењето на населението, порастот на заболени од дијабетес, но и неконтролираната хипертензија, дебелината, прекумерна и неконтролирано трошење на нестероидни анти-инфламаторни лекови, изложеност на разни токсини од околината,“ рече Тодоров.
Според него, загрижува податокот за пораст на бројот на пациенти во раните фази на ХББ, кај кои е забележан значително повисока кардиоваскуларен ризик и кај нив со правилни и навремени превентивни мерки може значително да се успори прогресијата на бубрежната болест.
„Инциденцата на ова заболување кај нас и во светот перманентно расте (90 до 250 болни на милион жители (што значи има по неколку стотини новозаболени годишно). Специјализираните нефролошки пунктови ќе го опфатат населението од цела држава и за таа цел Министерството изготви Акциски план со точно определен распоред на работа на овие пунктови, како и регионите каде ќе бидат лоцирани пунктовите, кои ќе ги опфаќаат жителите од повеќе населени места во околината“, истакна Тодоров.
Појасни дека во јули пациентите ќе може да направат превентивен преглед во Здравствена станица Железара-Скопје, каде два дена во неделата ќе работи нефролошка амбуланта, а пациентите ќе бидат испраќани од матичните лекари од регионот на Скопје, Куманово и Крива Паланка.
„Во Клиничка болница Штип, нефролошката амбуланта ќе работи три дена во неделата, а пациентите ќе бидат испраќани од матичните лекари од регионот на Штип, Пробиштип и Радовиш. Во Заводот за нефрологија-Струга амбулантата ќе работи пет дена во неделата, а пациентите ќе бидат испраќани од матичните лекари од регионот на Струга, Охрид, Кичево и Дебар.Во август ќе функционира специјализиран нефролошки пункт во рамки на Здравствен дом-Делчево (ќе работи два дена во неделата), а ќе бидат опфатени пациенти од Берово, Пехчево, Делчево и други околни места“, рече Тодоров.
Во септември во Општата болница Струмица, потенцира министерот, два дена во неделата ќе работи нефролошка амбуланта, а пациентите ќе бидат испраќани од матичните лекари од регионот на Струмица, Гевгелија и Дојран.
„Општа болница Велес ќе има нефролошка амбуланта која ќе работи два дена во неделата, а пациентите ќе бидат испраќани од матичните лекари од регионот на Велес, Кавадрци, Неготино и Свети Николе. Во следните месеци заклучно со ноември нефролошки амбуланти ќе бидат отворени во Клиничка болница Тетово, Клиничка болница Битола, Општа болница Кочани и Општа болница Прилеп, со што превентивен преглед ќе може да извршат граѓаните од овие региони“, посочи Тодоров.
Во овие нефролошки пунктови, односно амбуланти, како што рече, ќе се врши анализа на крв и урина, врз основа на кои ќе се проценува бубрежната функција на пациентот и во зависност од резултатите ќе се препорача соодветен режим на исхрана или соодветна терапија.
„Првично матичниот доктор го утврдува степенот на бубрежната функција и доколку има потреба го упатува во пунктовите. Лица со одреден ризик за напредување на бубрежно заболување се оние кои имаат нерегулиран дијабетес или кои примаат инсулин, артериска хипертензија и други хронични заболувања. На крај на годината, Министерството ќе изврши детална анализа на работата на нефролошките амбуланти, со цел евалуација на бенефитите од нивното функционирање, како и потребата за отворање нови нефролошки амбуланти,“ нагласи Тодоров.
Потенцира дека прегледите во нефролошките амбуланти се бесплатни за пациентите, а заради потребата од обезбедување партиципација за прегледите и лабораториските анализи (од 150 до 300 денар), таа ќе биде предвидена во Програмата за партиципација при користењето на здравствена заштита на одделни заболувања на граѓаните и здравствена заштита на родилките и доенчињата во Македонија за 2014 година. Додаде дека мора да работат на зголемување на бројот на трансплантации, но и да не се дозволи да се зголеми бројот на лица кои се на дијализа.
Директорот на Клиниката за нефрологија, Александар Шиколе рече дека бубрежното оштетување е состојба која ја има 10 отсто од населението.
„Раните фази на бубрежното оштетување можат успешно да се лекуваат ако навреме се откријат. Затоа би ги повикал граѓаните да ги посетат овие амбуланти особено ако имаат возраст над 50 години и имаат зголемен крвен притисок, шеќер во крв итн. Постојат ефикасни лекови кои можат да ја корегираат, успорат или комплетно замрзнат хроничната бубрежна болест, а со тоа се заштитува и срцето“, додаде Шиколе.