Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и Претседателот на ИКТ комората при Сојузот на Стопански Комори на Република Македонија, Саша Огненовски го промовираа проектот “Компјутери за социјално ранливите групи”.
ИТ-компаниите, преку ИКТ-коморите ќе обезбедат бесплатно репарирање и подготовка на опремата за натамошно користење.
„Владините институции, компаниите и граѓаните кои имаат застарени компјутери или компјутерска опрема која не ја користат, ќе можат да ја отстапат бесплатно на социјално ранливите групи”. –рече министерот Ивановски.
Тој истакна дека станува збор за концепт со кој дополнително ќе се намали дигиталниот јаз меѓу тие што имаат и тие што немаат компјутери.
„ИКТ опремата е од таква природа да всушност постојат многу компоненти кои се амортизираат многу малку и со соодветни прилагодувања, репарација и замена, оваа опрема станува функционална за една голема група на корисници.”-изјави Претседателот Огненовски.
Од први јули заинтересираните страни ќе можат да се пријават на donacii@mioa.gov.mk како и во локалните канцеларии на Министерството за труд и социјална политика.
Со овој значаен проект ќе се зголеми општествената одговорност и ќе се даде голем придонес во развојот на информатичкото општество во Република Македонија.