Груевски: Договорена соработка во здравството со една од најголемите групации во Мексико

Владината делегација, предводена од претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, од вчера (недела, 28.04.2013 година) се наоѓа во Мексико Сити, во посета на Соединетите Мексикански Држави, каде што во текот на вчерашниот и денешниот ден се остварија и ќе се остварат повеќе средби на политичко и економско ниво.

Премиерот Никола Груевски во Мексико Сити оствари посета на болницата „Ангелос“, која е дел од здравствената групација Ангелос во чиј состав влегуваат вкупно 23 болници во Мексико, од кои дел се општи, а дел имаат специјализација во поединечни здравствени сфери, и која важи за една од најреномираните и најмоќни здравствени групации, опремена со најсовремени и најмодерни медицински апарати и во која работи врвен здравствен кадар како од Мексико, така и од странски реномирани лекари.

Здравствената групација Ангелос е дел од Групацијата Ангелос, во чиј што состав влегуваат и над 30 туристички хотели, поголем број на банки, и која е во значителен обем присутна и во бизнисот со медиуми и издаваштво и сопственик на повеќе телевизиски и радио станици и весници. Групацијата Ангелос е основана и е во сопственост на г-дин Олегарио Васкез, кој е близок пријател на г-дин Карлос Слим.

На средбата со генералниот директор на сите болници во сопственост на здравствената групација Ангелос, д-р Роберт Симон, беше договорено да се започне конкретна соработка во областа на здравството помеѓу македонските здравствени институции и здравствената групација Ангелос.

Соработката би опфаќала размена на лекари и студиски посети на лекари помеѓу двете страни, односно посета на мексикански лекари на Република Македонија и пренесување на знаења и вештини за медицински третмани по најсовремени методи на своите македонски колеги, како и посета на македонски лекари на болниците од групацијата Ангелос и нивно обучување на истите за третмани и интервенции по модерни методи или пак за интервенции во области кои се дефицитарни со потребен кадар во нашата земја.

Во текот на идниот период македонското Министерство за здравство и претставници на здравствената групација Ангелос ќе ги детализираат и конкретизираат сите можности и опции за соработка и планот за нивна реализација и имплементација.

Премиерот Груевски ги претстави реформите на здравствениот сектор во нашата земја, и аспектите и поволностите кои се овозможуваат за инвестиции во областа на здравството. Поентите кои беа истакнати од македонскиот Премиер беа позитивно оценети од страна на управниот менаџмент на здравствената групација Ангелос кои истакнаа дека во идниот период ќе направат анализи околу можноста за отворање на свои капацитети во Македонија.

Во текот на денешниот ден владината делегација ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форум во Мексико Сити. Бизнис форумот се организира во директна соработка со компаниите од бизнис групацијата на г-дин Карлос Слим, Мекс Тел, Тел Сел и Американ Мобил. Г-дин Карлос Слим дава комплетна логистичка поддршка на престојот и организацијата на настаните на македонската делегација и лично ги има потпишано поканите до мексиканските компании за присуство на бизнис форумот, а членовите на неговата групација вршат и поединечно лобирање кај мексиканските компании за разгледување на можностите и опциите за реализација на инвестиции во Република Македонија.

Министерот за информатичко општество и јавна администрација, г-дин Иво Ивановски, кој е задолжен од македонска страна за учество во организација на настаните и обезбедување на логистика за потребите на посетата, истакна дека токму поддршката која ја дава г-дин Слим и неговата групација дава сериозен придонес во засилување на атрактивноста на настаните, нуди повеќе можности и обезбедува поголемо присуство и заинтересираност на мексиканските компании да ги разгледуваат понудените поволности.

Премиерот Груевски и владината делегација ќе имаат и повеќе поединечни средби со претставници на мексиканските компании на кои ќе ги претстават поволностите за отворање и развој на бизнис во нашата земја.

Владината делегација ќе оствари и политички средби со претставниците на властите на Соединетите Мексикански Држави.