Поради постоење на основи на сомнение за сторени казнени дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Несовесно работење во службата“ полициската станица од Струга против П.К. (39) од Струга поднесе кривична пријава.
Пријавениот, во својство на службено лице директор на Јавното претпријатие „Комунално“ Струга, без објавување на јавен оглас спровел постапка за јавна набавка со барање за прибирање на понуди за набавка на материјали за оградување на капела и цвеќара. За најповолен понудувач со одлука била избрана фирмата „Набизи“ од Струга по што пријавениот П.К. од сметката на Јавното претпријатие „Комунално“ на 31 мај 2011 година на сметката на „Набизи“ ДООЕЛ Струга авансно уплатил 120.000,00 а следниот месец на истата сметка уплатил 92.150,00 денари. Тоа го направил иако стоката не била доставена до претпријатието, ги прифатил фактурите од посочената фирма и противправно ги потпишал издатниците прикажувајќи дека стоката е примена и подигната од негова страна од магацин. На овој начин пријавениот го оштетил буџетот на претпријатието за сума од 212.150,00 денари.
Пријавениот, како одговорно лице во јавното претпријатие со повреда на законските прописи за совесно постапување при вршење на дискреционо овластување, со пропуштање на должен надзор несовесно постапил со тоа што на вработените им ги признавал сметките за гориво кое го точеле во нивните приватни возила без патен налог со што им овозможил горивото да го користат за приватни потеби. Со тоа, за периодот 2011, 2012 и 2013 година им овозможил да прибават имотна корист 489.974,00 денари на штета на буџетот на претпријатието. Со одлука, Управниот одбор на ЈП „Комунално“ Струга го овластил П.К. да одреди приватни возила кои ќе се користат за службени потреби по што тој со вработените кои ги одредил потпишал договори за користење на нивните приватни возила. Во текот на 2011, 2012, и 2013 година, вработените кои имале склучено вакви договори, во нивните приватни возила точело гориво на сметка на ЈП „Комунално“. Приватните возила ги користеле без патен налог во кој треба да е наведено за каква службена работа се користи возилото и истиот треба да е одобрен од раководителот. Фактурите со кои биле опфатени овие точења на гориво во приватни возила, пријавениот П.К. ги прифаќал и потпишувал со што одобрувал да се книжат. На овој начин ги прифаќал сметките за точење гориво во приватни возила кои се возеле без патен налог, овозможувајќи им на тие лица да ги користат возилата за приватни потреби оштетувајќи го ЈП „Комунално“.