За верниците од исламска вероисповед од денеска започнува Светиот месец – Рамазан, месец на пости и религиозна посветеност. Во наредните 30 дена муслиманските верници ќе постат од изгрејсонце до зајдисонце.
„Овој месец е симбиоза на сето тоа што може да се изрази само преку постот, затоа, го молиме Севишниот Аллах да ни овозможи уште еднаш да го исчистиме и да го воздигнеме нашиот дух, со што ќе бидеме по убедени и по близу до Бога“, стои во пораката што на верниците им ја упати поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, реис ул улема Сулејман ефенди Реџепи.
Според исламската религија, постот, кој е еден од исламските столбови е задолжителен за сите верници за нивно физичко и душевно прочистување. Истовремено, верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување. Во постот се поштедени болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа.
Рамазан е празник кој секоја година се поместува за 10 дена напред. По рамазанскиот пост следува Рамазан Бајрам, кој оваа година паѓа на 28 јули и се чествува три дена.
Извор: faktor.mk